Македонија

(ВИДЕО) Пендаровски оствари видео-конференциска врска со нашите војници што се дел од меѓународни мировни мисии

Претседателот на Република Северна Македонија и Врховен командант на вооружените сили, Стево Пендаровски, во пресрет на Новогодишните празници, денеска, оствари видео-конференциска врска со припадниците на Армијата на Република Северна Македонија, коишто учествуваат во мисии надвор од нашата држава.

Припадниците на македонските контингенти коишто се дел од меѓународните мировни операции „Одлучна поддршка“ во Исламска Република Авганистан, УНИФИЛ во Република Либан и АЛТЕА во Босна и Херцеговина, го информираа претседателот Пендаровски за моменталната состојба и ги презентираа нивните активности во рамки на мисиите, изразувајќи подготвеност и во иднина да продолжат, стручно, одговорно и посветено да ги извршуваат своите должности.

Претседателот Пендаровски го нагласи исклучително важниот придонес на припадниците на Армијата во меѓународните мисии, како потврда за нашата активна вклученост во колективниот систем за безбедност. Претседателот истакна дека со професионалното и мотивирано извршување на нивните задачи, учесниците во меѓународните мировни операции во континуитет се докажуваат како рамноправен партнер на НАТО сојузниците, придонесувајќи нашата земја да стане 30-та рамноправна членка на НАТО Алијансата. Според претседателот Пендаровски, малку области во нашата земја можат да кажат дека се на европско или светско ниво, како што е случајот со нашата Армија.

„Ако ги гледаме сите реформи што се направени, од 90-та до денес, во вашиот дел, во делот на Армијата, а надворешните мисии се круцијален дел од тоа, имаме далеку најдобри реформи. Ниту една друга област во државата не може да се мери со реформите што се направени во вашата област и неспорно е дека припадниците на Армијата поставија највисоки можни критериуми“, порача претседателот Пендаровски.

Честитајќи ги претстојните празници со желби за здравје, мир и благосостојба, претседателот Пендаровски им посака успешна и мирна мисија на припадниците на Армијата, како и најважното, безбедно враќање дома, кај своите најблиски.<

фото:Кабинет на претседател

На почеток