Македонија

(ВИДЕО) Владиката Тимотеј: „Ниедна црква не може да и биде мајка на МПЦ“

Официјалните разговори меѓу Српската православна црква и Македонската православна црква- Охридска архиепископија, во врска со српското непризнавање на автокефалноста на МПЦ, подолго време се во застој и нема никаков напредок.

Ние имаме испратено барање за продолжување на разговорите, а тие во соопштение велат дека не се прекинати. Меѓутоа, не се ни продолжени, вели Владиката Тимотеј, митрополит на Дебарско-кичевската епархија.

Во интервју за ТВ Клан Македонија, запрашан дали со потпишувањето на Преспанскиот договор со Грција се отвори нова можност за решавање на овој децениски спор, владиката Тимотеј оценува дека има наклонетост од Грчката црква и од Цариградската патријаршија за тоа, но оти моментно вниманието е на спорот што тие две го имаат, пред се, со Руската црква.

–Грчката православна црква има симпатии во овој момент да го решава прашањето за автокефалност на МПЦ – ОА, особено Цариградската патријаршија. Но со оглед на отворениот проблем со Руската црква и со други православни цркви кои во овој момент жестоко се спротивставуваат на иницијативите или прерогативите што си ги зема цариградскиот патријарх, како прв меѓу еднаквите, сметам дека нашето прашање ќе почека, барем додека нивниот спор не се тргне од дневен ред или малку се ублажи, вели владиката Тимотеј.

Обидот да се побара помош од Бугарската православна црква, да биде „црква-мајка“ на МПЦ-ОА, отец Тимотеј го толкува како обид за дополнителен ангажман и лобирање кај одредени поглавари за решавање на спорот, но не менување на меѓусебните односи:

-Ќе биде мајка доколку го реши прашањето. А кога ќе го реши нема да биде мајка, туку ќе биде сестра. Според тоа ниедна црква не може да ни биде мајка. Мајка ни е Охридската архиепископија или во конкретниов случај – Цариградската патријаршија која е мајка-црква на сите словенски народи. Во богословска или теолошка смисла е Ерусалим, таму е Христос и од таму се сите православни цркви, истакнува Тимотеј.

Интервјуто на ТВ Клан Македонија со Владиката Тимотеј во продолжение:

На почеток