Свет

Европските и британските преговарачи се договорија околу нацрт-договорот за Брегзит

Претставници на Велика Британија и ЕУ се договорија околу нацрт текстот на договорот за Брегзит по големиот пробив во преговорите, пренесе Би-би-си.

Извор од кабинетот на Владата за Би-би-си изјави дека е постигнат договор за документот на техничко ниво по што преговорите се зајакнати.

Состанок на кабинетот на министри на британската влада ќе се одржи утре, а на него премиерката Тереза Меј ќе побара поддршка од министрите за договорениот нацрт договор за Брегзит.

Пред состанокот секој од министрите ќе мора да се состане со премиерката насамо, јави Би-би-си.

Инаку, за време на преговорите најмногу недоразбирања произлегле околу границата меѓу Северна Ирска и Република Ирска.

Ирската телевизија РТЕ претходно денес објави дека британските и европските преговарачи усогласиле текст за границата во Ирска, а тогаш додадоа и дека тоа не значи дека преговорите за Брегзит се до крај заклучени.

Ирската национална телевизија пренесе дека текстот е договорен доцна во понеделникот, а потоа проследен до Лондон и цитираше извори кои велат дека договорот е „најстабилно можен“, но дека не би било точно да се каже дека преговорите се „заклучени“.

Договорот вклучува т.н. „бекстоп“, заштитен механизам, благодарение на кој границата на ирскиот остров би останала отворена по Брегзит.

„Извор потврдува дека текстот за договорот за развод е договорен на техничко ниво“, напиша на Твитер Лаура Кенсберг, политичка уредничка на Би-би-си, додавајќи: „Владата ќе се состане утре рано попладне … тогаш и официјално ќе потврдат“.

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток