Работниците на „Тетекс јарн лимитед“ во Тетово, кои утринава одржаа јавен протест пред фабриката, информираат дека по нивниот протест и пријава до полицијата приведен е еден претставник на компанијата со седиште во Бугарија. Тие ја повикале полицијата сомневајќи се дека лицето сака да наштети на имотот што е останат во фабричките погони.
Ние повикавме полиција сомневајќи се дека дел од раководството од фирмата од Бугарија сака да ја земе произведената волница и машините и да ги продава. Приведен е Петар И. директорот на фирмата, сопственик на Тетекс Јарн, чие главно седиште е во Бугарија, инфомираат работниците.
Од СВР Тетово потврдија дека е приведен државјанин на Бугарија, но поради нелегален престој.
Полициски службеници на СВР Тетово во Тетово го лишиле од слобода П.И.(56) од Република Бугарија, кој непријавено престојувал на подрачјето и кому во јануари годинава му истекла важноста на неговата лична карта за странци. Бугарскиот државјанин задржан е во Полициската станица Тетово и во текот на денов ќе биде предаден на Отсекот за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија Тетово за натамошна постапка, информираат од СВР Тетово.
фото: vesnik.com