Македонија

Почнува со работа лабораторијата во МАНУ, дневно ќе се прават по сто теста за Ковид-19

Лабораторијата во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) почнува со работа од денеска со капацитет од 100 тестови за Ковид-19, најави денеска на онлајн прес-конференцијата министерот за здравство Венко Филипче.

-Таа ќе биде наменета за сите анализи кои со соодветен транспорт во текот на утрото до 14:00 часот ќе стигнат од сите болници во државата, каде што се примаат на тријажа пациенти и ќе започне процесот на изработка, прво на изолација на вирусот, а потоа идентификација, и до 22:00 часот ќе бидат познати сите резултати кои ќе стигнат во тој ден. Со активирање на оваа лабораторија, времето на чекање ќе биде не повеќе од еден ден.

Министеот на денешната прес конференција уште додаде дека согласно најновите анализи и проекции, нашата земја, успешно го амортизира спречувањето на ширењето на епидемијата.

„Имаме линеарен пораст на бројот на пациенти. Здравствениот систем успешно се справува со третман на заболените, болничките капацитети воопшто не се оптоварени. Оваа наша првична стратегија очигледно добро функционира и дава резултат во досегашното менаџирање. Сите мерки и препораки ги носевме исклучиво врз основа на препораката на стручните лица, членови на Комисијата за заразни болести и никако поинаку. Ова се покажа како единствен исправен пристап, односно науката и медицинската логика ги користевме како аргументација, зошто се носат сите мерки кои беа донесени. Сите одлуки, кои на препорака на Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести ги донесе Владата, сите ограничувања, рестриктивни мерки, дадоа добри резултати. И сакам да изразам навистина голема благодарност до граѓаните кои ги почитуваа овие мерки. Ја сфатија важноста на истите, дека само на овој начин може и еве очигледно се постигнуваат резултати. Препораките на стручните лица и Комисијата се дека мерките мораат да останат на сила се додека не сме целосно сигурни дека состојбата е под контрола и дека сме го поминале пикот на болеста“, потенцираше министерот Филипче.

фото: Архива

На почеток