Некатегоризирани

Заев: Со Денот на албанската азбука го славиме зближувањето на различните културни традиции

,,Јазикот и негова соодветна азбука се дел од генетскиот код на еден народ. Во тој генетски код се елементите на идентитетот и потенцијалите за комуникација, општествена интеграција, за образование и развој.Наша должност, должност на државата е да ги почитува, чува и негува јазикот и писмото на секоја нејзина заедница. На тоа не повикуваат и европските вредности, како вредности што ги прифативме како наши на патот на нашата интеграција во Европската Унија.
Јазикот и писмото се најсилните средства и за чување и за афирмација на духовното наследство на една заедница”, рече премиерот Зоран Заев во своето обраќање на Свечената академија по повод одбележувањето на 110 годишнината од албанската азбука.

,,Денес, кога го славиме значајниот јубилеј – 110 години од албанската азбука – вреди да ја споменеме исклучителната мисија што ја изврши големиот албански писател Исмаил Кадаре, кој, благодарение на стандардизацијата на албанскиот јазик и писмо, беше преведуван на стотици други светски јазици. Неговите дела, како и делата на десетици други писатели, научни работници и публицисти од албанскиот духовно-културен круг, ја ширеа вистината и културата на албанскиот народ од Албанија и од регионот.Тоа е силен доказ дека јазикот и писмото се мостови до другите традиции, култури и духовни наследства. Тоа се клучевите што ги отвораат портите на другите светови за да се запознаваат, почитуваат и да се помагаат едни со други”, додаде тој.

Според премиерот, во Република Македонија имаме шанса на најдобар можен начин да ја промовираме и практикуваме големата европска идеја – Обединети во различностите.Затоа со право можеме да го истакнеме фактот дека прогласувањето на денешниот ден за официјален празник на албанското писмо, е составен дел од јазичното и од културното богатство на Република Македонија.

Одбележувањето на културните вредности, датуми и традиции на сите етнички заедници, вклучувајќи ја и албанската, е во суштината, во основата на нашето мултикултурно општество.
Прифаќањето на таа реалност е силен придонес за просперитетна иднина и за благосостојба на сите граѓани.

,,Нашата определба е да градиме и негуваме општество еднакво за сите. Нашата цел е да изградиме граѓанско општество, истовремено со почит кон етничките, националните, верските и културните разлики. Тоа е посебноста и суштината на нашето заедништво што се градеше со векови и што претставува обврска за нашата заедничка иднина.

Со право се залагаме и велиме дека етничката и јазичната разноличност на нашето општество ги сметаме за наша предност. За наше заедничко богатство. Празникот – Ден на албанската азбука, заеднички да го прославуваме и со тоа заеднички да ги славиме постоењето и зближувањето на културните традиции, кои на овие простори опстојувале заедно со векови.Нашата заедничка иднина, иднината на сите наши граѓани ќе ја изградиме без затворање во етноцентрична култура.

Нашиот модел за иднината започнува со почитувањето на сите заедници во која различните културите ќе се почитуваат, ќе соработуваат, ќе се надополнуваат и меѓусебно ќе се збогатуваат”, додаде Заев.

На свеченоста свои обраќања имаа и претседателот на Собранието, Талат Џафери, претседателот на ДУИ, Али Ахмети, претседателот на Република Албанија, Илир Мета и Претседателот на Република Косово, Хашим Тачи.

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток