Македонија

Охрид SOS удри по Заев, Шекеринска, Танески и Митрески

Охрид SOS објави статус под наслов -МИЖИМЕ!

Во својата објава од Охрид SOS пишуваат:

Пред неколку дена, на влезот на стариот дел од градот, на платото каде беше некогашната градска библиотека се одржа партиска трибина на СДСМ – Социјалдемократски сојуз на Македонија. Бидејќи на таа кратка средба со своите сопартијци не ги спомнаа овие факти, само да потсетиме за она што беше премолчено. Да не испадне дека тие се спасителите на Охридскиот Регион, а всушност не се. Тие се само дел од напластениот проблем. Великиот Прличев оваа категорија ќе ја нарече лицем светци, срцем в’лци.

1. Во 2005 година Владата на Република Македонија, предводена од СДСМ (во мандатот на Проф. д-р Владо Бучковски) донесува одлука за рушење на зградата во која се наоѓала библиотеката од 1965 година. Рушењето е спроведено пролетта 2008 година, за време на мандатот на Александар Петрески. Градежниот шут од објектот е депониран во Студенчишко Блато за да се добие тампонирана зона каде ќе се пресели дирекцијата на ЈП „Охридски комуналец“ и расадникот, а на тоа место ќе никнат десетици згради, кои се градат и денес. Археолозите бараа стопирање на градежните активности за да се извршат сондажни испитувања, бидејќи постоеле сознанија и индиции дека тука имало остатоци на наколни живеалишта и елинистички гробови кои требало да се истражат. Епилогот е непознат. Во своите два мандати, Петрески делуваше сосема спротивно од заложбите кои вечерта ги споделија неговите сопартијци. Само ја постави на пиедестал урбаната мафија и целосно ја отвори Пандорината кутија која до ден денес не може да се затвори. Или тогаш UNESCO беше нешто непознато, кое стоеше само на грбот на Општина Охрид, а во суштина никој не му обрнуваше внимание?

2. Лазе Таневски-Кандидат за пратеник во ИЕ5, локален хотелиер, веројатно не можејќи да ги артикулира мислите моментално, односно симултано, се одлучи за читање веќе напишан текст. Се заложи „Охридското Езеро да стане и да остане заштитено како културно наследство, рамо до рамо со сите светски култури.“ Да, добро прочитавте, авторот на текстот езерото го третира како културно наследство. Иако предлог-стратегијата за туризам која наместо професори и стручни лица ја составуваа главно студенти на ФТУ доживеа фијаско и експресно беше повлечена, Таневски ни порача и ни вети „дека Охрид има стратегија за развој на туризмот во наредниве осум години“ но таква стратегија не постои. Напротив во Акцискиот план на Планот за управување со Охридскиот Регион, стратегијата за одржлив туризам е зацртано да се изработи до средината на 2021 година. Би сакале да ја видиме таа стратегија по која Таневски се води. Според него „заштитата на Охридското Езеро ќе биде заедно со развојот на Охрид“, што тоа и да значи. Не го спомна огромниот базен безмалку на брегот на езерото, во хотел „Десарет“ кој од езеро се гледа како неколку метарски бедем. Или бетонските платформи и другите објекти на самиот брег. Не кажа дали своите хотелски објекти ќе ги адаптира кон одржлив туризам или уште ќе се води кон масовниот туризам.

3. Носителот на листата, Radmila Sekerinska скоро и воопшто да не го спомна Охридскиот Регион, но беше сосема прецизна кога рече дека „е ова наш заеднички ресурс“ потврдувајќи дека природното и културно наследство на Охридскиот Регион за нив, заедно со нивниот коалиционен партнер Bashkimi Demokratik për Integrim – BDI не е исклучителна универзална вредност, туку само ресурс за искористување и богатење. Тоа го покажуваат и на дело. Константин Георгиески – Градоначалник на Општина Охрид и Edmond Ademi се само параван за јавноста дека постои некаква конструктивност. „На Охрид во нашата програма не нудиме подароци“ рече Шеќеринска, кое делуваше како латинската timeo Danaos et dona ferentes, или по охридски – шо ќе ти се дарој данајски. На толку мандати, функции, постојана присутност како пратеник во собранието, никогаш јасно и гласно не се зазела за Охридскиот Регион, туку какви што ќе се моменталните партиски ветришта така и се поставувала. Нејзината елоквентност не ја прикрива неспособноста и лицемерието.

4. На крај, со емотивен почеток и буквален поклон кон Охрид, своето обраќање го започна и Zoran Zaev, нашиот сограѓанин, како што самиот изјави. Ако ја тргнеме настрана лирската патетика, во суштина не добивме ништо конкретно од неговото излагање. Оние излитени фрази дека „Охрид е нашето богатство и нашата гордост и верувам дека сите ќе опстоиме, да ги вратиме природните убавини онака како што критериумите на УНЕСКО тоа го замислиле, а впрочем нашето добро ние ќе си го заштитиме“ се можеби веродостојни за некое мало дете или наивен партиски член. На дело, плановите, законите, уредбите, се скроени за да се протнат партиски или други интереси. Се саботира со децении рамсарската номинација и други битни документи, а овие заложби кажани во Охрид, дури дојде човек до Струга, се изгубиле како ветар по езерската шир. Во Струга не важат. Таму главен е Ramiz Merko – Faqja Zyrtare кој јавно даде до знаење дека него баш го брига. Упорно се толерира нивниот коалиционен партнер, а најлесно е да се обвини само опозициската партија. Оттука, да изјавиш дека „ние работиме, не калкулираме, не водиме рачун само за политичките поени и политичкиот рејтинг, туку работиме искрено, онака како што треба кон државата и кон својот народ да се поставиме“ е тотално и бесрамно лицемерие. На крај, на прашање од присутна на трибината дали има „концепт како да му се помогне на Охрид за да се стави крај во дивеењето на урбанизмот“, Заев изјави дека „Охрид мора да се развива, мора да се гради, мора и да се проширува“. Понатаму додаде дека „и до ден денеска градбите не се сопрени во Охрид“ со што потврди дека наводниот мораториум кој беше донесен беше само на хартија, додека градежните фирми на советникот Нефи Усеини се активни во моментов на десетина локации. Заврши со контрадикторна реченица, дека Охрид го гледа „согласно УНЕСКО, добро организиран, модерно-туристички, а сепак согласно околностите, во делокругот на природната и културна заштита на Охрид согласно стандардите на УНЕСКО.“

5. Вториот носител на листата, Јован Митрески од Струга, не кажа ништо, мирен, под маска, немо ја проследи трибината. Иако периодов, изминативе години додека беше пратеник постојано го означувавме, контактиравме, баравме да биде активен, да си ја заслужи барем малку високата плата и бенефиции, тој не направи ништо конкретно за Струга и делот до Радожда, кој, сведоци сме, се уништува со несмалено темпо. Таква марионета безгласна не сме виделе. Ова само покажува колку се немоќни пред ДУИ, колку се рецесивни и опортунисти. Лажни борци за права, еднаквост. А бара втор мандат за себе. Врз основа на што е тоа барање? Нека проценат стружани, нека стават на вага зборови и дела. За жал, овде немаме ни зборови туку молк. Без образ, без совест, без каков било интегритет. Лоботомиран притискач на копче во собраниската сала.

https://www.facebook.com/OhridSOS/photos/a.1560641884214463/2687789678166339/?type=3&theater

На почеток