Свет

Канје Вест најави дека ќе се кандидира за претседател на САД , доби поддршка од Илон Маск

Американскиот рапер Канје Вест на „Твитер“ објави дека ќе се кандидира на претседателските избори во ноември и ќе го предизвика актуелниот претседател, републиканецот Доналд Трамп и неговиот политички ривал, демократот Џо Бајден.

„Сега мора да го исполниме ветувањето на Америка верувајќи во Бога, обединувајќи ја нашата визија, да ја изградиме иднината. Јас се кандидирам за претседател на Соединетите американски држави“, објави Вест на „Твитер“ со емотикон од американското знаме и назнака #2020VISION.

Сè уште не е познато дали Вест, кој инаку се промовираше како поддржувач на Трамп, навистина има намера да се кандидира на четири месеци пред изборите закажани за 3 ноември и дали тој поднел официјално барање за да влезе во претседателската трка.

Во голем број држави, крајниот рок за додавање на независни кандидати на гласачките листи сè уште не е истечен.

Најновата објава на американскиот рапер предизвика лавина реакции кај неговите 29 милиони следбеници на „Твитер“.

Поддршка на Вест му даде извршниот директор на „Тесла“, Илин Маск, кој е уште една славна личност позната по ексцентричните испади.

„Ја имаш мојата целосна поддршка“, напиша Маск на Твитер.

фото: The Telegraph

 

На почеток