Македонија

Средба на претседателот Џафери со амбасадорот на Обединетите Арапски Емирати

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, денеска оствари средба со Н.Е. Сагер Насер Ахмед Абдулах Алраиси, амбасадор на Обединетите Арапски Емирати за Република Македонија.

Претседателот Џафери, откако му посака добредојде на гостинот, изрази благодарност и задоволство од воспоставените дипломатски односи уште од 1996 година под нашето уставно име, иако за жал во текот на овој период ретко се бележат заемни средби на високо билатерално ниво. Тој истакна дека како претседател на Собранието, ја поттикнува пратеничката група за соработка со земјите од Блискиот и Средниот Исток во Собранието на Република Македонија, да воспостават комуникација со нивните колеги од соодветните парламенти и да ја иницираат парламентарната дипломатија која е доста значајна. Понатака рече дека на мултилатерален план, соработката во меѓународните организации и во системот на ООН е добра, често се поддржуваат меѓусебните кандидатури и Република Македонија во оваа насока, традиционално го поддржува кандидирањето на ОАЕ во рамките на телата и органите на меѓународните организации.

Амбасадорот, Н.Е. Сагер Насер Ахмед Абдулах Алраиси искажа отворена и силна поддршка за Република Македонија, посочувајќи ги бенефициите за малите земји од членството во Европската Унија и НАТО, и предностите кои се овозможуваат за земјите полноправни членки на овие организации. Тој упати покана до претседателот Џафери со делегација да ги посетат Обединетите Арапски Емирати и нивниот парламент. Амбасадорот истакна дека со оваа покана, ќе се интензивираат билатералните односи помеѓу двете земји, а пораките ќе се упатат токму од парламентот кој е директен глас на народот.

Соговорниците се согласија дека негувањето и унапредувањето на односите меѓу двата парламента треба да бележи на интензитет во периодот што следи, како и да се продлабочува во доменот на образованието, економијата, животната средина и во други области од заемен интерес за двете земји.

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток