Алијанса за Албанците (АА) прашува дали премиерот Христијан Мицкоски ќе продолжи да го штити својот коалиционен партнер, Изет Меџити од ВЛЕН, од обвинувањата за провизија од 450 илјади евра за плоштадот „Скендербег“, кои порано ги изнесе пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски.
АА потсетува дека ВМРО-ДПМНЕ додека беше во опозиција објавуваше бројки, скандали и афери за расипништвото во локалната власт во Чаир, обвинувајќи дека Меџити како градоначалник земал провизија. Денеска, како што се наведува, тие се верни владини партнери.
„Доколку Мицкоски заборавил, јавноста памети како пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски јавно изнесуваше обвинувања против Меџити за корупција, злоупотреби, криминали и провизии тешки 450 илјади евра,“ се вели во соопштението.
Алијанса за Албанците прашува дали Мицкоски сега се откажува од својот пратеник и неговите тврдења за да го спаси Меџити и дали ВМРО-ДПМНЕ сè уште верува во сопствените обвинувања или тие биле само „евтин популизам“.
„Дали оваа партија е подготвена да ги затвори очите пред сите тие наводи за криминал само за да остане на власт? И најважно: дали интересот на народот е жртвуван за сметка на нивните фотељи и функции?“ прашуваат од АА.
Партијата потенцира дека борбата против корупцијата не е предмет на пазарење. „Нема компромис со наводни криминали, ниту алиби за политичка дволичност. Време е ВМРО-ДПМНЕ јасно да избере дали сака владеење на правото или заштита на коалицискиот комодитет,“ се додава во соопштението.
АА порача дека граѓаните нема да прифатат двојни стандарди – едно да зборуваат кога се во опозиција, а друго да прават кога ќе дојдат на власт. „Ако ВМРО-ДПМНЕ навистина сака да се претстави како носител на промени, мора јавно и без калкулации да покаже дали ќе застане на страната на правдата или ќе остане соучесник во коруптивните практики кои самите ги разоткриваа,“ завршува соопштението.