Министерот за здравство, Азир Алиу, засега не открива дали ќе остане дел од Владата по најавената реконструкција и евентуалната прераспределба на ресорите меѓу коалициските партнери.
Одговарајќи на новинарско прашање, Алиу истакна дека неговото вклучување во политиката никогаш не било мотивирано од функциите, туку од желбата да придонесе за промени и развој на општеството.
„Мојата професионална кариера не започна со политичка функција, а не верувам ниту дека ќе заврши со таква. Не е добро ниту за поединецот, ниту за политичкиот систем, едно лице со години да остане на политичка позиција“, изјави Алиу.
Тој нагласи дека многу поважно од самата функција се резултатите што некој ќе ги остави зад себе, посочувајќи ги како пример проектите и реформите реализирани додека бил на чело на Министерството за информатичко општество и администрација.
Алиу посочи дека секојдневно работи со ист интензитет, како да му е последен ден на функцијата, додавајќи дека одлуката за тоа дали ќе остане министер не зависи од него лично.
„Станува збор за институционално, а не за лично прашање. За министерската функција не постои конкурс на кој некој аплицира, туку тоа е политичка одлука“, рече тој.
Министерот порача дека, без разлика на тоа дали во иднина ќе биде министер, професор или експерт, ќе продолжи да работи и да придонесува во интерес на граѓаните.
„Имам обврска кон сите што ми ја дале својата доверба и сигурно нема да застанам тука, без разлика дали ќе бидам или нема да бидам министер за здравство“, изјави Алиу.