Здруженија и активисти за заштита на животните - Анима Мунди, јавно побараа одговори од Зоолошката градина во Скопје во врска со информациите за можно бегство на волци и угинување на повеќе животни, меѓу кои кенгури и ему-птици.
Во реакцијата тие поставуваат низа прашања за начинот на кој се спроведувал надзорот во установата, барајќи објаснување како е можно волците, доколку навистина избегале од оградениот простор, со денови или недели да копаат дупки без тоа да биде забележано.
Активистите предупредуваат дека станува збор за сериозен безбедносен проблем и прашуваат кој ќе ја преземе одговорноста за угинатите животни, како и кои мерки биле преземени за спречување на вакви инциденти.
Тие бараат итна, независна и темелна истрага, со јавно објавување на сите факти и утврдување на евентуална одговорност кај лицата кои, како што наведуваат, со постапување или непостапување придонеле за настанатата состојба.
Меѓу барањата е и воведување мораториум на размножување, набавка и внесување нови животни во ЗОО Скопје сè додека не се обезбедат соодветни услови за безбедност и благосостојба на животните кои веќе се сместени таму.
Според нив, потребно е Зоолошката градина да започне процес на трансформација во центар за згрижување и рехабилитација на животни, наместо да продолжи со практиката на набавка на нови единки.
Од ЗОО Скопје засега нема официјална реакција на изнесените обвинувања и барања. Доколку се потврдат информациите за инцидентот, јавноста очекува надлежните институции да ги утврдат сите околности и евентуалните пропусти во работењето на установата.