Анонимен корисник на американската платформа за обложување со криптовалути Polymarket заработил речиси половина милион долари обложувајќи се на апсењето и заминувањето од власт на венецуелскиот претседател Николас Мадуро, непосредно пред веста официјално да биде објавена, пренесува BBC.
Според податоците од платформата, бројот на облози дека Мадуро ќе ја напушти власта до крајот на јануари нагло пораснал во часовите пред американскиот претседател Доналд Трамп јавно да соопшти дека венецуелскиот лидер е уапсен и се наоѓа во притвор во Соединетите Американски Држави.
Анонимниот корисник, кој се регистрирал на платформата минатиот месец и поставил вкупно четири облози – сите поврзани со Венецуела – остварил добивка од над 436.000 долари, со влог од околу 32.000 долари.
Податоците на Polymarket покажуваат дека корисниците во петокот попладне, на 2 јануари, само еден ден пред апсењето, ги проценувале шансите за заминување на Мадуро од власт на 6,5 проценти. Проценката се искачила на 11 проценти непосредно пред полноќ, а потоа дополнително пораснала во раните утрински часови на 3 јануари – временски период што укажува на нагла промена во очекувањата токму пред објавата на Трамп на неговата социјална мрежа Truth Social.
Овој случај отвори сомнежи за можни инсајдерски информации. Денис Келехер, извршен директор на организацијата Better Markets, за американската телевизија CBS изјави дека облогот има „карактеристики на тргување врз основа на инсајдерски информации“.
Освен овој корисник, уште неколку учесници на платформата оствариле добивки од десетици илјади долари обложувајќи се на падот на Мадуро од власт.
Поради ваквите случаи, демократскиот конгресмен Ричи Торес најави законска иницијатива со која би се забранило државни службеници да се обложуваат доколку располагаат со „материјални нејавни информации“ поврзани со конкретен облог.
Платформите за обложување и предвидувања последниве години стануваат сè попопуларни во САД. Компании како Polymarket и Kalshi овозможуваат облози не само за спорт, туку и за политички настани. Тие привлекоа стотици милиони долари облози за исходот на претседателските избори во САД во 2024 година и беа под засилен надзор за време на администрацијата на поранешниот претседател Џо Бајден.
Во мандатот на Трамп, меѓутоа, овие платформи наидоа на поголемо разбирање. Неговиот син, Доналд Трамп Помладиот, има советодавни улоги во Kalshi и Polymarket, што дополнително ја засили јавната дебата.
Иако тргувањето врз основа на инсајдерски информации е строго забрането на берзите, регулативата за онлајн платформите за обложување е значително послаба. Од Kalshi соопштија дека нивните правила „експлицитно забрануваат тргување врз основа на инсајдерски информации од било каков вид, вклучително и облози на државни службеници поврзани со активности на Владата“.