Македонија

Притисок за заминување на Мицкоски: Единствени кои сметаат дека треба да остане лидер се тој и неговото опкружување со кое излегува во кафеана

Преку објави на социјалните мрежи, се повеќе членови на ВМРО-ДПМНЕ го искажуваат револтот кон лидерот на партијата, Христијан Мицкоски за изгубените избори и неуспехот да состави Влада, а притоа, бараат оставка од него и првите луѓе кои ги сметаат за виновни поради неуспехот. Ваквата реторика е засилена откако се официјализираше коалицискиот договор помеѓу ДУИ и СДСМ со кој тие добија ново владино мнозинство. Меѓу последните кои бараат одговорност се актуелни, но и поранешни членови на паријата кои беа исклучени за време на владеењето на Мицкоски, како и поранешни истакнати функционери на партијата, објави „А1он“.

„Време е партијата да се врати во рацете на членството, без поделби на ваши и наши, стари и нови членови и членки, подобни и неподобни. Време е за силно и обединето ВМРО ДПМНЕ. Време е пак да славиме победи, а не да се мислат стратегии како да се оправда поразот со некоја нова лага. Време е за одговорност за лошите политики. Време е за оставки“, напиша поранешната пратеничка и висок функционер во ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова.

Поранешниот амбасадор на Македонија во САД и преговарач за спорот со името, Васко Наумовски, во изминатиов период има објавено неколку статуси порачувајќи „Од грешките може многу да се научи, само доколку не се губи време во нивно негирање“, а под објавата е споделена и фотографија од приврзок со слоган на ВМРО-ДПМНЕ.

„Политичарите и пелените мора често да се менуваат, од иста причина“, објавил Наумовски споделувајќи цитат од Марк Твен, за потоа, во друга објава да сподели: „Луѓето што те однеле во пораз, нема да те однесат во победа“.

И Петар Богојески кој беше дел од т.н. „реформатори“ на ВМРО-ДПМНЕ, бара оставка од Мицкоски, бидејќи смета дека е пречка за реорганизација на партијата со цел победа на следните избори.

„Единствената пречка за учество на ВМРО ДПМНЕ во Влада или за реорганизација на опозицијата, кон нова победа, е г-дин Христијан Мицкоски“, напиша Богојески.

Истиот став го дели и искчучената од ВМРО-ДПМНЕ, Нола Исмајлоска-Старова, која смета дека ова раководство предводено од Мицкоски може да донесе само нови порази, но не и победи. Таа смета дека чесното членство тоа го знае тоа, но и јавноста преку јавното изразување на незадоволството.

„Очигледно е дека единствени кои сметаат дека Мицкоски треба да остане лидер на ВМРО-ДПМНЕ е самиот тој и неговото опкружување со кое излегува во кафеана. Човек кој не е доследен да го исполни ветеното, дека ќе даде оставка во случај на пораз или ако не состави влада, не заслужува ни да биде коментиран. Партијата има чесни кадри, а тие треба да си ја вратат моќта“, смета Исмајлоска-Старова.

Целиот текст прочитајте го на А1он.мк

На почеток