Пратеникот на ДУИ, Фљорин Бесими, не смее да гласа за изборот на новата Влада, бидејќи неговиот брат, Фатмир Бесими, е кандидат за министер за финансии, велат од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).
„Да видиме како ќе биде изборот на министерот за финансии. Пратеникот е избран од страна на народот, тоа не е спорно. Меѓутоа, тој никако не смее да учествува во изборот на својот брат. Прво, тука го гледам судирот на интерес. И тој треба да се изземе од расправата за избор на Влада и од гласањето за членови на Влада каде што неговиот брат е кандидат“,
вели за ТВ Алсат, претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска.
Од ДКСК додаваат дека будно ќе ги следат постапувањата на браќата Бесими, каде првиот судир на интереси го препознаваат во самиот избор на Владата.
Пратеничкиот глас на Фљорин Бесими е четврт глас од ДУИ кој виси за изборот на новиот владин состав. Изминативе денови, во повеќе медиуми се пишуваше за несогласувањата во редовите на ДУИ во однос на дел од кадровските решенија што лидерот Али Ахмети ги предлага за новата Влада. Револтот се однесува најмногу на кандидирањето на Артан Груби за вицепремиер и Бујар Османи за министер за надворешни работи.