Иницијативниот одбор за свикување и одржување вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ бара оставка од актуелниот претседател Христијан Мицкоски, а одговорот од партиската централа укажува дека на повидок е уште еден раскол во партијата. Иницијативата за свикување конгрес, од пред партиското седиште објави поранешната пратеничка Весна Дамчевска-Илиевска.
– ВМРО-ДПМНЕ со Мицкоски како претседател и кандидат за премиер на овие избори излезе со програма и кандидати за пратеници што не успеаја да обезбедат поддршка од граѓаните. Кадрите на Мицкоски и во техничката влада не успеаја да се наметнат како лица што на граѓаните ќе им покажат нов и различен начин на водење на институциите и ќе одговорат на предизвиците со кои беа соочени. Вината може да се префрла, но вистината е една. Вистината е дека е најодговорен тој што го состави тимот, а тоа е Христијан Мицкоски – рече Дамчевска-Илиевска.
Преку статус на социјалните мрежи слично барање до Мицкоски објави и Марина Кавракова, актуелна претседателката на градскиот комитет на Унијата на жени во Скопје и членка на централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Таа потсети што кажал и ветил Мицкоски на конгресот кога беше избран за претседател и каква е реалноста денеска.
