Досегашниот министер за информатичко општество и јавна администрација и потпретседател на СДСМ Дамјан Манчевски, верува дека денеска или утре ќе биде поднесен предлогот за влада и брзо ќе биде изгласана новата влада, така што најдоцна следната недела ќе имаме функционална извршна власт.
Во однос на изборот на собраниските комисии и тела, Манчевски, рече дека очекува веќе на следната собраниска седница тие работи да бидат завршени.
– Можеме да кажеме дека во септември ќе имаме целосно функционален систем, и од извршна и од законодавна власт и таму ќе се соочуваме со предизвикот за онлајн работење, онлајн одлучување, дигитализација и слично. Во Собранието веќе работат на платформа на која и пратениците ќе може да работат и одлучуваат и од дома или од нивните канцеларии, што исто така е голем предизвик. Работат службите на ова и верувам не подоцна од крајот на септември ќе биде и тоа овозможено, изјави Манчевски, кој денеска учествуваше на неформална заедничка средба со пратеникот во Собранието и меѓународен секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски и Бојан Кордалов, специјалист за односи со јавност и координатор на Програмата за транспарентност и дигитализација на ИДУЕП.
Манчевски изрази надеж дека влегуваме во еден посмирен период за нашата политика, каде се решени поголемите проблеми и прашања кои предизвикуваа поделби меѓу граѓаните и дека сега сите сме насочени кон секојдневните прашања каде не гледа многу простор за жестока дебата.
Извор: МИА
