Македонија

Македонските официјални претставници веруваат во изнаоѓање решение со Бугарија

Лавина реакции од македонски официјални претставници предизвика вчера изјавата на бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов, дека Бугарија ќе ја блокира првата меѓувладина конференција на Македонија со ЕУ, ако Мешовитата комисија не постигне согласност за отворените историски прашања. Главно сите сметаат дека ќе се изнајде заедничко решение со Бугарија, во духот на пријателството и со почитување на Договорот за добрососедство.

Премиерот Зоран Заев во гостувањето на Националниот сервис изрази уверување дека ќе се изнајде решение со Бугарија и оти двете страни ќе излезат победници и дека историјата е важна, но таа треба да биде појдовна основа за иднината.

-Покажавме дека имаме капацитет за решавање на прашањата. Решивме три поглавја, пет историски личности наназад, шестата историска личност Гоце Делчев. Дали е Заев и Борисов дали е било кој понатаму, ако едната страна добива само нема иднина. Решенијата ги најдовме за крупните прашања. Имаме архиви, ќе седнеме ќе ги извадиме транспарентно и јавно. Важна е историјата, но треба да биде појдовна основа за иднината. Ќе најдеме решение. Треба да излеземе двете страни победници, рече Заев.

Изрази уверување дека во периодот што претстои брзо ќе се изнајде решение со Бугарија.

-Испраќам порака спрема соседна Бугарија дека сме спремни да влеземе и преку прашањето за Гоце Делчев. Ако ние останеме повредени, тоа не е пријателство. Верувам ќе најдеме со пријателска Република Бугарија решение, подвлече Заев.

Прашан дали можеме да прифатиме дека Гоце Делчев бил Бугарин се со цел да влеземе во ЕУ, Заев вели дека не треба да дозволиме да има блокади.

-Треба со пријателите пријателски и верувам дека ќе изнајдеме решение. Со тоа што вие го кажавте Бугарија добива. Треба двете страни да бидат среќни. Не да биде поразена Бугарија, ниту Македонија, и Македонците кои зборуваат македонски јазик. Немаат проблем со оваа работа. Нема дилеми, зборуваат многу често за македонскиот јазик. Пријатели сме ќе најдеме решение, рече Заев.

На новинарско прашање што сепак ако не се дојде до договор со Бугарија, Заев изрази уверување оти ќе има договор.

Каракачанов вчера кажа дека македонската дипломатија веќе три години откако е потпишан Договорот за добрососедство одбегнува решавање на проблемите и очекува ЕУ да застане во одбрана. Според официјална Софија, македонската страна ги избегнува состаноците на историчарите за да не се соочи со решавање на прашањето за Гоце Делчев и со тоа покажува дека нема желба да води искрен дијалог.

– Минатата година во ноември месец, пред десет месеци ја стопиравте работата на Комисијата за разгледување на историските проблеми. Ние сме го кажале тоа сто пати во последните десет месеци, дека ако не се постигне согласност по тие прашања Бугарија ќе возврати на првата меѓувладина конференција, додека прашањата не бидат исчистени. Тоа е позицијата на Бугарија. И тоа е многу јасно во Скопје, изјави Каракачанов.

На прашањето, дали тоа значи дека Бугарија ќе ја блокира првата меѓувладина конференција, Каракачанов директно одговара: „Се разбира”.

 

извор: МИА.

На почеток