Македонија

Семејно насилство! Институциите признаваат дека кризата со ковид-19 го зголеми, кој ги заштитува жртвите?

Карантинот и полициските часови им паднаа тешко на многу граѓани, но меѓу оние што страдаа најмногу се жртвите на семејното насилство.  Институциите признаваат дека кризата со ковид-19 го зголеми семејното насилство, но, како што велат, одговориле соодветно, објави 360stepeni.mk. 

„Полицијата постапува според законите“, уверува Тони Ангеловски, портпарол на МВР.
„Треба да направат разлика што е вербална расправија, нетрпеливост, а што е семејно насилство“, вели Наташа Станоевиќ, директорка на Центарот за социјална работа во Скопје.

Зошто тогаш жртвите бараат помош и кај невладините организации?

„Жртвите коишто доаѓаат кај нас многу често ни кажуваат дека не се окуражени од центрите за социјална работа да ја продолжат постапката“, вели Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Во очекување на новиот бран на коронавирусот, кои се лекциите за спречување и справување со семејното насилство од првиот?

Ако имаше Нобелова награда за издржливост, сигурно ќе ми ја доделеа мене, но не се гордеам со тоа – вака накратко ја опишува својата голгота пензионерка од Македонија раскажувајќи за децениската семејна тортура.

„Бев заклучена во гаража, на минус 5, снег, ладно, секој ден бев тепана и малтретирана. Децата ми викаа: ‘Mамо, зошто го трпиш?’ Не одговарав, а се срамев од себеси, знам дека јас сум виновникот. Зашто знам дека сум крива што не сум храбра да го пријавам уште еднаш и да се тргнам од тој човек“, раскажува таа.

По многубројни кривични пријави, затворски и условни казни, вели, сопругот сè уште ја следи како сенка.

Последниот инцидент бил за време на полицискиот час. Овој пат помош барал нејзиниот син. Во раните утрински часови чекал на улица да наиде полициска патрола.

„Него го извадија на балкон, мене ме прашуваат како ништо да не било. ‘Е де, ништо не ти е’, цитирам. ‘Е де, голема работа’. ‘Е па сега, се знае, кај се видело маж и жена 24/7 да бидат дома’“, раскажуваа таа.

Аномалијата за која говорат од Хелсиншкиот комитет може да се види од статистиката што „360 степени“ ја обезбеди од МВР.

Во вториот квартал од годинава, април-јуни, период во кој имаше најмногу денови со полициски часови, полицијата регистрирала рекорден број т.н. поплаки – 985, што е за 34% повеќе од истиот период лани и дури 50% повеќе споредено со преклани. Но, апсурдно, бројот на кривични дела поврзани со семејно насилство се намалил споредено со истиот период во изминатите две години.

Бидејќи кривична пријава може да поднесе полицијата, кога ќе процени дека жртвата има потешки телесни повреди или самата жртва, кога повредите не се доволно тешки, може само да се претпостави – или дека карантинските „поплаките“ биле за караници или дека од страв и безизлез жртвите не поднесувале кривични пријави

Текстот во целост и ВИДЕО  на: 360stepeni.mk. 

На почеток