На официјалниот фејсбук профил на албанскиот претседател Еди Рама објавена е фотографија од планински водопад со хаштаг „прекрасна Албанија„ и „Кањон Лешница“ (#BeautifulAlbania, #KanioniLeshnicës). На оваа објава и фотографија реагира тетовскиот планинар Бошко Видоески кој вели дека ова не е снимено во Албанија, туку дека ова е една од т.н. Кривошијски кади на Кривошијска река која се наоѓа на нашата страна од Шар Палнина.
„Еди Рама најверојатно не знае дека фотографијата што ја објавил не е кањонот на Лешница во Албанија, туку е водопадот на т.н. втора када на Кривошијска река пред нејзиниот влив во реката Пена и се наоѓаат на македонскиот дел од Шар Планина, а не во Албанија. Јас никогаш не сум бил во Албанија ниту во тамошниот локалитет Лешница за да направам фотографија, но имам многу фотографии од Кривошијската када. па ако се споредат моите фотографии со таа што ја објавил Еди Рама убаво може да се види дека албанскиот претседател погрешил, односно го ‘присвоил’ овој локалитет како тој да е во Албанија. Верувам дека претседателот Рама ова го направил ненамерно или од незнаење, сепак мислам дека овде треба експедитивно да реагира и министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи бидејќи станува збор за тенденциозен пост“ вели Бошко Видоески.
Кањонот Лешница се наоѓа во близина на грчката граница кај патот за Саранда и е заштитено природно подрачје во Албанија.