Синдикатот на УПОЗ бара итно повлекување на одлуката за фиксно работно време бидејќи, според нив, тоа е спротивно на Гранскиот колективен договор потпишан на почетокот на годинава во кој е утврдено флексибилно работно време.
Од Синдикатот на УПОЗ велат дека се затекнати од ваквата одлука на Владата бидејќи не биле информирани и консултирани како социјален партнер.
– Ваквата одлука, за Синдикатот на УПОЗ е нејасна и конфузна и веднаш создаде револт меѓу вработените од причина што Владата со носењето на ваквата одлука сметаме дека не го почитува социјалниот дијалог, постапува спротивно на Конвенциите на Меѓународната организација на трудот и го негира Гранскиот Колективен договор за органите на државната управа, стручните служби на Владата на Република Македонија, судовите, јавните обвинителства, казнено – поправните и воспитно – поправните установи, државното правобранителство, единиците на локалната самоуправа, агенциите, фондовите и центрите за социјални работи и другите органи основани од Собранието на Република Македонија, кој Владата го потпиша на почетокот на оваа година, се вели во реакцијата.
Синдикатот на УПОЗ посочува дека во Гранскиот колективен договор е определено флексибилно работно време од 07:30 – 08:30 часот до 15:30 – 16:30 часот и оти вака утврденото право не може и не смее да се дерогира со еднострани одлуки.
– Синдикатот на УПОЗ сепак се надева дека Владата на Македонија ќе ја преиспита ваквата одлука и истата ќе ја повлече бидејќи флексибилното работно време беше наше барање и таа одлука беше позитивно прифатена од вработените и даде позитивни резултати, велат од Синдикатот.
Владата вчера на седница донесе одлука времено да се суспендира одлуката за флексибилно работно време за сите вработени во државната управа и од 1 октоври за сите да има едно работно време од 8 до 16 часот./МИА