Македонија

Милошоски: Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа против одлуките за вонредна состојба затоа што беа злоупотребени

Заврши координацијата на пратеничката група на коалицијата „За обнова на Македонија“ и би сакал да известам за една актуелна тема, а тоа се одлуките за прогласување на вонредна состојба а кои се ставени како дел од дневниот ред на собраниската седница, истакна Антонијо Милошоски од ВМРО ДПМНЕ.

Ставот на пратеничката група е дека ќе гласаме против овие одлуки за вонредна состојба од три причини. Првата причина е дека одлуките за вонредна состојба беа донесени за подобро справување со пандемијата, за жал денес имаме многу полоши состојби во пандемијата.

Втората основа за овие одлуки беше справување со економските последици од пандемијата и денес неколку месеци после овие одлуки за вонредна состојба имаме драстично влошување на економските состојби во државата со многу зголемена невработеност.

Третата причина е што овие два основи на одлуките за вонредна состојба, справување со пандемијата и помош на економијата, за жал владата ги злоупотреби и наместо да носи мерки посветени на овие теми, носеше уредби со законска сила кои што беа злоупотребени за изборен поткуп или за менување на Изборен законик во 5 до 12, или за лиценци за марихуана, за брусење дијаманти и слично. Потврда дека ваквите одлуки за вонредна состојба беа злоупотребени од владата е и фактот што Уставниот суд поништи десетина уредби донесени од владата во тој момент,  истакна Антонијо Милошоски од ВМРО ДПМНЕ.

На почеток