Одлучувањето на Собранието за потврдување на одлуките на претседателот за прогласување вонредна состојба имаат логика само додека трае вонредната состојба. Сега, после завршувањето на вонредната состојба, ова одлучување е беспредметно. Ова личи како „по свадба – тапани“, напиша на Фејсбук поранешната министерка за правда Рената Дескоска. Во објавата на Дескоска се вели:
Денес на дневен ред во Собранието се ставени на потврдување одлуките за прогласување на вонредна состојба донесени од претседателот д-р Стево Пендаровски. Уставот предвидува дека ако Собранието не може да се состане, одлука за постоење на вонредна состојба донесува претседателот на Републиката и му ја поднесува на Собранието на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане.
Целта на оваа одредба е Собранието да одлучи за траењето на вонредната состојба прогласена од претседателот- дали истата треба да продолжи или да биде прекината. Одлучување на Собранието за потврдување на одлуките на претседателот за прогласување вонредна состојба имаат логика само додека трае вонредната состојба. Сега, после завршувањето на вонредната состојба, ова одлучување е беспредметно. Ова личи како „по свадба – тапани“.
Правните норми треба да предизвикуваат правни последици, да имаат правен ефект, а ова одлучување во Собранието не би имало никаков правен ефект по однос на донесените одлуки – бидејќи тие престанале. Ниту пак непотврдувањето на одлуките би значеле постапка за одговорност на претседателот.
Несомнено е дека претседателот на Републиката бил обврзан да ги прати на потврда на Собранието своите одлуки, но Собранието не треба да почнува беспредметни постапки. Оние кои седат во Собранието, треба да се свесни дека покрај текстуалното толкување на Уставот (каде буквално се толкуваат одредбите), постојат и други методи како целно толкување, оригинализам, прудентно и сл. При тоа не смеат да бидат „скарани“ со логиката. Зашто на крајот од краиштата, логиката треба да биде нужна компонента на секое правно толкување, вклучувајќи го и толкувањето на уставот.
Целокупната ситуација околку вонредната состојба која постоеше покажа дека уставните одредби се многу скромни, често недоречени и непрецизни. Тоа нужно ја наметнува потребата од итно носење на Закон за воена и вонредна состојба кој ќе ги реши отворените прашања. Исто така неопходна е измена и на Законот за Влада кој внесе дополнителна конфузија околу уредбите со законска сила.