fbpx
пон. Окт 26th, 2020

Скопје1.мк

види, слушни, прочитај

Бугарскиот парламент усвои одлука според која 24 Мај ќе се слави како Ден на бугарската писменост, а кирилицата ја прогласи за чисто бугарска

Бугарскиот парламент усвои одлука според која 24 Мај ќе се слави како Ден на бугарската писменост, но и се најавува дека ќе се почне процес пред Европската Унија за признавање на кирилицата како бугарска азбука. Шефицата на бугарската дипломатија, Екатерина Захариева, порачува дека Скопје мора да го почитува и спроведува Договорот за пријателство и добрососедство меѓу двете држави и дека Гоце Делчев е важно прашање што треба да се реши.

Шефицата на бугарската дипломатија и вицепремиерка Екатерина Захариева пак, повторно го актуализира прашањето за Гоце Делчев и порачува дека практично, се работи за еден од критериумите за Скопје пред Европската комисија.

„Ние инсистираме на добрососедство, а тој критериум е европски, не го измисли Бугарија и ќе биде критериум за набљудување за време на целата преговарачка рамка“, јавува БГНЕС, а пренесе МИА.

Захариева додава дека Гоце Делчев е едно од прашањата што треба да бидат решени и повторува дека двете држави преку членовите на Мешовитата комисија за историски прашања треба да се вратат на решавање на битните прашања. Според неа, работата на Комисијата Скопје ја суспендира пред една година.

Шефицата на бугарската дипломатија прашањата за кои треба да расправа Мешовитата комисија не ги третира како многу сложени. Вели дека не станува збор за илјадници години историја и дека има доволно историски документи „за да се препозне историјата таква каква што е“.

На прашањето за одржување на првата меѓувладина конференција за почеток на преговори меѓу Македонија и ЕУ, Захариева рече: „Сè уште сме во процес на дискутирање на преговарачката рамка во европските работни групи, таа дури не е дојдена ни на ниво на амбасадори“.