Со гужви, играње и пеење вчера се одржа настап на српскиот пејач Владо Георгиев во познат угостителски објект во центарот на Скопје. Присутните не одржуваат дистанца, ниту пак носат маски. Наместо почитување на протоколите за заштита од коронавирусот, кои налагаат дека вакви настапи смеат да се одржуваат само доколку гостите седат на маса, присутните се туркале за да го снимат пејачот одблиску и видеото да го објават на социјалните мрежи, објави А1 Он.
Ваквото однесување доаѓа во денови кога во Македонија се бележи нов пораст на новозаболени од вирусот, односно и по 225 нови пациенти на дневно ниво. Дел од епидемиолозите укажуваат дека голем дел од нив се заразуваат во угостителски објекти кои не ги почитуваат протоколите.
На угостителскиот објект каде што вчера Георгиев имаше настап, не му е првпат да ги крши протоколите за заштита од вирусот. Директорот на Пазарниот инспекторат за „А1он“ вели дека и минатата недела му поднеле кривична пријава. „Вечер во ‘Мош’, повторно настап ќе има Владо Георгиев, повторно ќе пуштам инспекција. Зборував со Комисијата за заразни болести, да се најде начин и полицијата да доаѓа со нас, за да ги казнуваме и луѓето. Луѓето не се свесни. Колку и да ги казнуваме операторите, тие ќе ја платат казната.
Кога одат инспекторите им велат: ‘Треба да бидете седнати, не станати’, на што добиваат одговор: ‘Ти ќе ми кажеш мене, еве го столчето до мене, јас ќе си играм’. Тоа е крајно несвесно и некоректно. Операторите ги казнуваме и со по 4 илјади евра, но, некаде и кривичните пријави не помагаат. Јас не знам како им се исплаќа“, вели Пауновски.