По најавите за бојкот на наставата од одредени училишта, здравствените и образовните институции апелираат училиштата и учениците да ги почитуваат препораките на Комисијата за заразни болести и одлуката на владината комисија за начинот на одржување на наставата.
Министерката за образование и наука Мила Царовска денес кажа дека Гимназијата „28 Ноември“ од Дебар нема да почне со настава со физичко присуство и ќе ја почитува одлуката на Комисијата за заразни болести за одржување на онлајн настава, откако вчера директорот Рамадан Имери најави дека од понеделникот ќе почнат со физичка настава.
Што се однесува до тоа што ќе биде доколку не се почитуваат препораките, министерката најави санкции.
„Секако дека има можности за санкционирање согласно законот. Одлуките на Владата се јасни и тие мора да се почитуваат затоа што се во интерес на заштита на јавното здравје. Јас разговарав со градоначалникот на Дебар, тој ми рече дека станува збор за поедин став на директорот и ми потврди дека нема да се случи прием на ученици“, истакна Царовска.