Денеска, претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, заедно со градоначалникот на Крушево, Томе Христоски присуствуваа на откривање на спомен обележјето на Тоше Проески и положија свежо цвеќе на неговото вечно почивалиште.
Посебен момент и големо значење на настанот дадоа и маратонците кои трчаа од Табановце преку Скопје до Крушево за да одадат почит на музичкиот великан Тоше Проески.
„Му оддадовме достојна почит на нашиот Тоше пред реализираното идејно решение на неговото вечно почивалиште, кое се оформи како конечно низ постојана комуникација и консултација со родителите на Тоше. Од денеска натаму сите ние, како и сите фанови на Тоше од другите земји, ќе можат да се поклонат пред неговото вечно почивалиште кое како симбол ја одразува искрената религиозност на Тоше Проески и вербата во Бог кој тој ја споделуваше и преку неговата музика. Тоше на најдобар можен начин, успеа да го обедини Балканот. Онака како што треба, успевајќи со својата искрена желба, неповторлива харизма и со своите безвременски песни да ги премости сите навидум непремостиви нешта. Тоа е нашата македонска гордост, кој со својот ангелски глас и непосредност, полнеше стадиони, плоштади и сали, каде и да се појавеше, истакна премиерот во дел од своето обраќање.
Заев додаде дека огромното влијание и споменот на неговата силна личност и исклучителен талент, никогаш не ги оставија без посетители неговото гробно место и спомен куќата, но од денеска натаму имаме вечно почивалиште и спомен дом достојни за големината на Тоше.
„Загубата на Тоше Проески со ништо не може да биде надоместена. Но, затоа е тука вечното сеќавање на благородната душа која со своите постапки и со своите песни обележа цела една епоха од нашето културно и естрадно творештво. Беше Амбасадор на добрата волја на УНИЦЕФ. Голем хуманист кој заслужено ја доби наградата „Мајка Тереза”, бидувајќи до крај доследен на неговата изјава: „блажена е душата што дава”. Тоа е нашиот Богољубив Тоше Проески. Зад него останаа да се прераскажуваат убавите приказни за манастирот Свето Преображение во Крушево, за Клиниката за детски болести, за сите негови хуманитарни концерти и животни епизоди полни со човекољубие и милосрдие“, истакна Заев.
„Голема заслуга и благодарност за тоа му припаѓа и на нашиот Тоше Проески, а наша обврска останува и понатаму достојно да му се оддолжиме за неговиот придонес со постојано сеќавање на неговите музички и хуманитарни остварувања“, истакна Заев.