Денешното судско рочиште „Талир” за незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ и перење 5 милиони евра почна со казна на адвокатот Донче Наков со 500 евра од страна на судијата за организиран криминал Осман Шабани.
Денеска сведочи еден од сопствениците на кавадаречката компанија „Урбан инвест” Јован Грков, кој е управител и еден од сопствениците на фирмата кој кажа дека лично од обвинетите Миле Јанакиески и Кирил Божиновски добил наредба да даде од џеб 15 илјади евра пред избори.
На прашање на обвинителката Ленче Ристоска дали некој од ВМРО-ДПМНЕ барал пари од него, односно од фирмата, адвокатите на сите обвинети приговараа дека прашањето е наведувачко, по што тоа беше преформулирано.
„Некаде пред изборите добив СМС-порака од Марјан, претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ – Центар. Ми пиша дека треба да отидам во Владата. Во посоченото време отидов, ми кажаа пред која канцеларија. Почекав, ме викнаа Миле Јанакиески и Кирил Божиновски. Состанокот траеше кратко, ми рекоа дека имам обврска да дадам 15 000 евра и да му ги предадам на Марјан. Не ми кажаа зошто треба да ги дадам парите. По неколку дена, му ги дадов тие 15 000 евра на Марјан. Му ги дадов на рака. Потврда, документ не добив за парите што ги дадов“, одговари сведокот.
На прашањето, дали се спротивставил на ова барање, тој одговори со ,,не“ и додаде дека знаел дека мора да го исполни барањето.
Обвинението за незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ го товари Никола Груевски за Злоупотреба на службената положба и овластување и за Перење пари и други приноси од казниво дело. За истите две кривични дела, казниви со затвор, обвинети се и Кирил Божиновски и Миле Јанакиески, кој е во куќен притвор.