Македонија

Царовска: Наставниците ќе предаваат од дома за да се заштеди на греење, а екскурзии нема да има

Онлајн наставата успешно функционира на ниво на држава и 88% од учениците без потешкотии ја следат наставата од своите домови, што покажува дека имаме континуитет во образовниот процес во државата, изјави денес министерката за образование Мила Царовска при посета на неколку училишта во Кочани.

Министерката нагласи дека за сите кои немаат ИТ уреди, обезбедена е опција за следење на наставата преку 15 минутни часови кои се емитуваат на националната радио-телевизија, но и преку доставување на печатени материјали од страна на наставниците кои имаат обврска да ги контактираат и да го следат совладувањето на материјалот.

Што се однесува до организирање екскурзии, министерката кажа дека годинава не се дозволени.

„Годинава екскурзиите не се дозволени. Учениците може да имаат прошетка заедно со наставниците до пет километри оддалеченост. Од друга страна она што се случува од минатата година, зошто агенциите не ги вратиле парите, сметам дека има уредби. Јас ги повикувам директорите на училиштата кои се одговорни за екскурзиите да ги викнат родителите и да најдат заеднички јазик на кој начин тие пари од лани ќе им бидат вратени. “, истакна Царовска.

На почеток