Македонија

Коста Петров објави дека ќе раководи со Фондот за иновации и технолошки развој

Потпретседателот на СДСМ, Коста Петров, преку социјалните мрежи го најави својот ангажман во Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), за каде што веќе извесен период тој се споменува како можен нов директор.
Неговата најава доаѓа откако пред два дена Владата даде согласност Управниот одбор да го разреши досегашниот директор Јован Деспотовски, на негово барање.

„Иновациите и развојот на технологии мора да ја заземат централната улога во нашата развојна економија, а ФИТР ќе биде двигател на оваа трансформација. ФИТР ќе продолжи да инвестира во иновацискиот развој на компаниите, работејќи на создавање нови квалитетни работни места и придонесувајќи кон развојот на македонската економија. Целта е да обезбедиме поддршка за компаниите и стартапите со тоа што ќе им помагаме во секој чекор, почнувајќи од работењето, едукацијата, развојот на продукти, па сè до комерцијализацијата и продажбата. Фондот ќе работи и ќе соработува со врвни домашни и меѓународни претприемачи, финансиски експерти и основачи на иновативни компании“, напиша Петров на Фејсбук.

Неговата визија, вели, е да ја позиционира Македонија како регионален стартап-хаб во регионот.

Во својата објава тој му се заблагодарува и на премиерот Зоран Заев за дадената доверба.

Коста Петров во јавноста, покрај ангажманот во политиката во последниот период, е познат и како автор и директор и основач на агенцијата „Пи ворлд“.

И од Владата утрово објавија дека на предлог на Управниот одбор го именувала Петров за в.д. директор.

На почеток