Свет

Поглаварот на ГПЦ со благи симптоми на Ковид-19 пренесен во болница

Поглаварот на Грчката православна црква архиепископот Јеронимос, рано утрово, со благи симптоми на коронавирусот, беше примен во болница, јави дописничката на МИА од Атина.

Информацијата преку „Твитер“ ја соопштија од атинската Архиепископија, додека пак портпаролот на архиепископот Харис Конидарис, за грчката телевизија „Скај“ објасни дека 82- годишниот Јеронимос во понеделникот направил тест, а резултатот што го добил вчера бил позитивен.

Синоќа имал зголемена температура, па затоа утрово бил пренесен во болница, но е во добра состојба.

Пред две седмици, откако беше откриен позитивен случај кај член на Светиот синод на ГПЦ, архиепископот беше тестиран и доби негативен тест.

Архиепископот Јеронимос во саботата се сретна со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, меѓутоа, во пресрет на средбата и двајцата правеле тест и добиле негативен резултат.

 

На почеток