Македонија

Околу 150 полицајци и 300 припадници на АРМ ќе бидат ангажирани за обезбедување на здравствените објекти

Војници ќе бидат ангажирани таму каде што има голема фреквенција на граѓани. Првиот човек на ЦУК Стојанче Ангелов рече дека е изработен конкретен план за тоа кои точки треба да се обезбедуваат. Стојанче Ангелов, в.д. директорот на Центарот за управување со кризи, денеска изјави дека вкупно 295 припадници на Армијата ќе учествуваат во поддршка на полицијата за обезбедување на објектите согласно потребите на Министерството за здравство, нагласувајќи дека бројка е еластична и оти тоа не значи дека утре сите ќе излезат на терен.

На тој начин околу 150 полицајци и 300 припадници на Армијата ќе бидат ангажирани за обезбедување на здравствени објекти, со што припадниците на Армијата нема да бидат вооружени и ќе бидат распределени само онаму каде што ќе биде тоа неопходно, но исклучиво како придружба на полициските службеници.

– Полициските службеници се оние кои што имаат полициски овластувања, додека припадниците на Армијата ќе им помагаат на нив. Ние не праќаме војска затоа што граѓаните прават нереди во болниците, туку превентивно, за да го одржува редот и за да можат здравствените работници непречено да ја вршат својата работа – објаснува Ангелов, додавајќи дека состојбата од аспект на безбедноста е целосно под контрола.

На барање на Главниот штаб, МВР вчера изработило конкретен план за точките кои ќе треба да бидат обезбедувани од страна на полицијата и Армијата и била утврдена вкупната бројка припадници на полицијата и Армијата.

 

На почеток