Македонија

Пендаровски: Постои дилема дали државниот врв настапува единствено во спорот со Бугарија

Премиерот Зоран Заев во интервјуто за БГНЕС оцени дека ставот на претседателот на државата за „живковистичка матрица“ во Бугарија се должи на политичкото неискуство и недоволна внимателност при употребата на зборови
„Моето 20-годишно искуство во меѓународната политика ми овозможува прецизно да ги мерам зборовите и ставовите што ги искажувам кога разговарам со моите бугарски соговорници и со нашите пријатели од меѓународната заедница. И на секој од нив јасно му кажувам дека македонско-бугарскиот спор може да се реши само ако доследно се почитува достоинството и на македонскиот и на бугарскиот народ и со избегнување на опасната замка на историскиот ревизионизам кога тој наместо врз факти е заснован врз политички конструкции“, вели претседателот Стево Пендаровски во изјава за Дојче веле.

Тој во интервјуто додаде:

„Го погледнав интервјуто на премиерот и ги прочитав реакциите во македонската јавност, и во дел од коментарите, за жал, беше присутна дилемата дали државниот врв настапува единствено во однос на ова витално национално прашање… Со премиерот Заев во многу наврати сме разговарале на оваа тема и никогаш не сме имале спор дека некои личности и настани можат да бидат чествувани и од двете страни, но дека македонскиот народ има своја засебна историја, како што бугарскиот народ има своја. Истовремено, во сите мои јавни настапи јасно кажувам дека антифашистичката борба е во темелите на современата македонска држава, а во таа борба сме се бореле против оние што беа на страната на фашистите“, вели Пендаровски за Дојче веле.

На почеток