Македонија

Лукаревска: 245 работодавачи искористиле помош од Владата, а не исплатиле ноемвриска плата

Директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска на денешната прес-конференција ја информираше јавноста за искористеноста на мерката Финансиска поддршка за исплата на плати за месец ноември 2020 година. За ноември 2020 поднесени се 13.851 барања БФП-ИП/2, на 13.178 работодавачи е исплатено вкупно 1.028.448.344 денари, за вкупно 65.960 вработени.

Со состојба на 31.12.2020 година 245 работодавачи кои примиле финансиска поддршка во износ од 12.208.833 денари, не ја исполниле обврската за исплата на плата за 782 вработени. Два дена претходно со состојба на 29.12.2020 година бројот на работодавачи кои не исплатиле ноемвриска плата беше 596 работодавачи кои земале 36.655.907 денари државна помош а не ја исплатиле плата на 2.421 вработени. Што значи 351 работодавачи извршија исплата на плата по добивање на опомената од УЈП. За оние работодавачи кои не исплатиле ноемвриска плата изготвени се и доставени опомени и за неисплатената плата. По истекот на рокот од опомената, против оние кои нема да ја исплатат платата, ќе следи спроведување на постапка на присилна наплата на платата со блокада на паричните средства на нивните трансакциски сметки и пренос на средствата на сметките на вработените лица и на уплатните сметки за јавни приходи.

Ноемвриска плата не исплатиле а примиле финансиска поддршка се работодавачи од дејностите:

43 работодавачи од дејноста трговија на мало, кои примиле финансиска помош од 1.295.978 денари и на 84 вработени не исплатиле плата,
37 фирми што вршат подготовка на оброци и служење на храна примиле помош од 1.656.803 денари и на 108 вработени не исплатиле плата,
22 фирми од дејноста транспорт, примиле помош од 1.983.508 денари и на 127 вработени не исплатиле плата.

Тука влегуваат и дејностите градежништво, трговија на големо, трговија на големо и мало со моторни возила и моторцикли и производство со прехранбени производи. По региони најмногу фирми што не исплатиле плата се од Скопје 73 фирми, Тетово 21 и Гостивар 10.

Вкупно 6 даночни обврзници, за 19 вработени побарале финансиска поддршка преку конечна пресметка, а за дел со исправка во вкупен износ од 266.294 денари, но за 7 вработени не извршиле доплата на износот на плата по поднесените исправки во вкупен износ од 47.785 денари. Овие компании се од дејностите подготовка на оброци и служење на храна, трговија на мало, производство на текстил и друго, а по региони се 2 фирми се од Битола и по една фирма од Охрид, Свети Николе, Кочани и Струга.

Директорката Лукаревска информираше дека по спроведените активности на Управата за јавни приходи, намален е бројот на компаниите кои примија финансиска поддршка за исплата на октомвриската плата а истата не ја исплатија на работниците. Овој број е намален од првичните 179 компании на 17 компании, кои за 41 вработени примиле финансиска поддршка од 641.206 денари. Кај овие компании во тек е постапка на присилна наплата на неисплатената плата од парични средства на трансакциска сметка.

По постапката за присилна наплата заради неисплатена плата за април, мај и јуни 2020 година се намалува и бројот на работодавачи кои ја должат платата за овие месеци, така што со состојба на 31.12.2020 година сè уште не исплатиле априлска плата 50 компании за 108 вработени, плата за мај не исплатиле 38 компании за 66 вработени и јунска плата не исплатиле 64 компании за 160 вработени. Вкупниот број на компании кои сè уште не исплатиле плата за еден, за два или за сите три месеци (април, мај и/или јуни) е 125. За овие работодавачи доставени се детални податоци во Јавното обвинителство, за покренување на кривична постапка.

Лукаревска истакна дека во координација со Државниот инспекторат за труд во текот на месец декември се спроведоа контроли кај 31 даночни обврзници кои ја искористија финансиска поддршка а не исплатија плати за месеците април, мај и јуни 2020 година, во вкупен износ од 1.827.690 денари за еден или повеќе месеци. Овие даночни обврзници се од дејностите: трговија на мало, трговија на големо, копнен транспорт, градежништво, угостителска дејност и друго. Предмет на овие контроли беше и проверка на исполнетоста на условите за користење на финансиска поддршка што даночните обврзници при поднесување на барањето за финансиска поддршка заради исплата на плати за овие месеците дале Изјава за исполнетост на условите под кои се дава финансиската поддршка.

Директорката посочи дека Координирано со Државниот инспекторат за труд покрај овие контроли за финансиската поддршка, ќе се врши и инспекциски надзор кај компаниите кои исплатиле плата пониска од минималната, согласно закон, а Листата на компании кои примиле износ на финансиска поддршка за месец ноември 2020 година, а не ја исплатиле платата на работниците, ќе биде доставена до Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија, за јавна и транспарентна објава на неплаќачите првиот работен ден од оваа година.

На почеток