Магазин

„Врба“ на Манчевски во американски поход

Македонскиот кандидат за Оскар за 2021 „Врба“ на Милчо Манчевски ќе игра во кината, на ТВ и на стриминг платформите низ САД, во дистрибуција на „Кино Лорбер“, еден од најреномираните дистрибутери на уметнички филмови во САД. „Врба“ пред американската публика ќе се прикажува во текот на 2021, и ќе продолжи во 2022 и 2023.

Сопственикот на Кино Лорбер, Ричард Лорбер, го нарече „Врба“ „моќно и најоригинално дело на маестро Манчевски, достојно за награди – трогателен, брилијантно одглумен и визуелно фрапантен поглед врз мајчинството. Не можеме да дочекаме да го споделиме ова длабоко дело со американската публика“.

„Кино Лорбер“ постои од 1977 година, а во големата библиотека од над 4.000 нивни филмови се цела низа стари и нови добитници на Оскар и номинирани филмови и филмови на големи автори, како „Жртва“ на Тарковски, „Странецот“ на Орсон Велс, „Книга слика“ на Жан-Лик Годар, „Враќање дома“ на Хол Ешби, „Софи Шол“, „Збогум на оружјето“, „Ѕвездата е родена“, „Песјак“ на Лантимос, „Томасо“ на Абел Ферара со Вилем Дафо, „Суд“ на Тамхане, „Причината зошто скокам“, „Капитал во 21 век“ – документарец со Пикети, Фукујама и Стиглиц, документарни филмови за Јозеф Бојс, Роберт Френк, Кјубрик, Гери Виногранд, Џозеф Камбел, Грејс Џонс, итн. Во последните девет години имаат добиено дури седум номинации за Оскар.

Во редовна кино-дистрибуција во САД се прикажуваат релативно мал број странски филмови. Единствени македонски филмови прикажани на редовниот репертоар во Америка се претходните филмови на Милчо Манчевски („Пред дождот“, „Прашина“, „Сенки“, „Мајки“ и „Бикини Мун“) како и „Медена земја“.

Во престојниот период пред номинациите за Оскар, „Врба“ го продолжува фестивалскиот поход, а ќе има и специјални проекции во угледни предоскаровски настани во Њујорк, и Лос Анџелес и Калифорнија.

Исто така, „Врба“ ќе се прикажува и на најреномираниот телевизиски канал за прикажување на филмови, Ејч-Би-О (НВО), каде пред европската публика ќе се емитува повеќе пати во текот на 2021 и 2022 година.

Минатиот месец, „Врба“ имаше и онлајн премиера во Унгарија, каде повторно доби извонредни критики: „Некои слики тешко се забораваат, а повеќе сцени остануваат жигосани во зеницата на гледачот […] Формалниот јазик на ‘Врба’ се потпира на комплексни, скриени емоции и гестови […] Манчевски е претставник на современиот спиритуално-филозофски тренд и автор на универзални теми“.

Во текот на 2021 година, со реномираниот унгарски дистрибутер „Будапешт филм“ ќе биде организирана и кино-премиерата во Унгарија, а подоцна и стриминг и телевизиско прикажување.

Во текот на 2021 се предвидени кинопремиери на „Врба“ во Србија, Белгија, Хрватска, Бугарија, Словенија, Албанија, Црна Гора и Велика Британија.

За една година од светската премиера на Римскиот филмски фестивал, „Врба“ освои вкупно 5 трофеи, постигна рекорди во кино и тв прикажувањето дома, доби одлични критики во светските медиуми, и се прикажа на над 20 фестивали на четири континенти, беше вброен и во потесниот избор за наградите на Европската филмска академија, а филмот продолжува со несмалено темпо што времено беше запрено поради ковид-19 пандемијата.

На почеток