Македонија

Сведоци на судењето на организаторите на настаните од 27 април: Ристовски и Јанакиески не организираа партиски членови за учество на протестите

Обвинетите Спиро Ристовски и Миле Јанакиески немале никаква функција во ВМРО-ДПМНЕ за време на протестите на „За заедничка Македонија“, ниту организирале партиски членови да учествуваат на овие протести. Ова го истакнаа повеќе сведоци предложени од одбраната на денешното судење за организаторите на настаните во Собранието од 27 април 2017 година.

Поранешниот градоначалник на општина Ѓорче Петров Сокол Митровски одговорил дека не комуницирал со Ристовски и со Јанакиески за нивно организирање или поддршка, посочувајќи дека тој лично никогаш не бил на протестите.

– Никогаш како градоначалник, ниту ми било поставено прашање за поддршка и учество на протестите. Јас лично никогаш не сум бил на тие протести, а никогаш како градоначалник ниту сум го поставил тоа на вработените во Општината, тоа си било нивна лична граѓанска одлука, изјави Митровски.

Поранешниот министер за транспорт и врски, Владо Мисајловски, потенцирал дека ВМРО-ДПМНЕ немала ништо со тие протести, негирајќи дека како министер влијаел врз вработените во администрацијата да излезат на протестите.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е Вилма Русковска.

Обвинети во овој предмет, кој се наоѓа во доказна постапка, се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, поранешните министрите за транспорт и врски и за образование, Јанакиески и Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски. Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.

На почеток