Светската здравствена организација (СЗО) ги советуваше државите да не ги условуваат меѓународните патувања со докази за вакцинација или имунитет.
Ова беше истакнато на состанокот на Комитетот за вонредни состојби на СЗО составен од 19 независни експерти.
Експертите дадоа низа препораки што беа прифатени од генералниот секретар на СЗО, Тедрос Аданом Геберјесус, и испратени до членките на Обединетите нации.
„Во овој момент, не воведувајте обврска за докажување на вакцинација или имунитет за меѓународно патување, бидејќи сè уште има клучни непознати информации за ефективноста на вакцината во намалувањето на преносот, а вакцините не се целосно достапни за секого. Доказите за вакцинација не треба да ги ослободуваат меѓународните патници од други ограничувачки мерки за намалување на ризикот од зараза за време на патувањето“, соопшти Комитетот на СЗО.
Тие истакнаа дека во моментов постои голема разлика помеѓу земјите во однос на вакцинациите, тестирањата, карантинот и забраните за патување, што доведува до тоа светот да биде малку збунет и парализиран.