Тешко е да се предвиди точниот датум кога вакцините од КОВАКС механизмот би пристигнале во Република Македонија. Во едно неодамнешно соопштение, КОВАКС најави дека испораката на вакцините на државите-учеснички во механизмот би можела да почне за време на првото тримесечие од 2021 година, но дека тоа зависи како од поволните регулаторни одлуки, така и од подготвеноста на здравствениот систем и на националниот регулаторен систем во секоја од поединечните земји. Доколку нема проблеми во делот на регулаторните одлуки или во делот на подготвеноста на државата, намерата е првичните дози од вакцината да им бидат испорачани на сите земји-учеснички во КОВАКС механизмот истовремено или што поблиску до таа цел.
Ова во интервју за МИА го истакнува д-р Џихан Тавилах, претставник на Светската здравствена организација во Република Македонија.
– Зголемената циркулација на вирусот преку неговото ширење кај населението веројатно ќе резултира со повеќе мутации, а некои од нив може да имаат различни импликации. Затоа е важно луѓето да се вакцинираат кога вакцината ќе стане достапна. СЗО не препорачува вакцинирање на бремените жени. Според доказите со кои се располага во моментов, вакцинација со Ковид-19 може да се понуди без оглед дали лицето имало симптоматска или асимптоматска инфекција со SARS-CoV-2. Вакцините се проучувани на различни групи од населението и утврдено е дека се безбедни и подеднакво ефикасни и кај лицата со познати медицински проблеми како на пример висок крвен притисок, шеќерна болест, астма, белодробни заболувања, заболувања на црниот дроб или на бубрезите, како и кај оние со хронични инфекции кои се стабилни и контролирани. Колку повеќе луѓе ќе се вакцинираат, толку повеќе циркулацијата на вирусот ќе се намали, а со тоа и неговиот потенцијал за нови мутации и варијанти, вели д-р Тавилах за МИА.
Текстот во целост на: МИА.
фото: Архива