Коментари

Велковска: Противпожарната опрема што Град Скопје ја донира за здружение од Охрид е отпишана поради застареност и несигурност

Седницата на Советот на Град Скопје беше една од најпонижувачките, ако не и најпонижувачката, досега.
Во неколку засебни постови ќе ги објавам информациите што јавноста мора да ги знае во врска со одлуките што владејачкото мнозинство ги усвојува „за заштита на јавниот интерес“.
Почнувам со, според мене, најсрамната одлука што беше усвоена вчера – Одлуката за давање донација на ЕКО ФАП – Охрид, се вели во објавата на Драгана Велковска на социјалната мрежа ФБ.

Во продолжение  на истата Велковска додава:

Сигурно веќе прочитавте дека „Град Скопје ќе донира опрема за противпожарна заштита на охридско здружение кое доброволно се вклучува во гасење пожари“.
Одлуката само навидум е благородна, вистината е сосема поинаква. Како што може да видите од извадокот од образложението – опремата што Град Скопје ја донира е ОТПИШАНА поради ЗАСТАРЕНОСТ И НЕСИГУРНОСТ ПРИ ЕКСПЛОАТАЦИЈА.
„Обврската да ја поправи и одржува технички исправна е на здружението. Градот нема никаква одговорност по предавањето на донацијата“, беше дел од образложението на апологетите на одлуката.
Сите многу добро знаеме дека функционалноста на секоја опрема за ПП заштита е тенката граница меѓу живот и смрт во дадени ситуации. Сите го знаеме капацитетот и „постапувањето по закон“ на македонските институции и знаеме како тие спроведуваат „ригорозна контрола“ кога се работи за техничка исправност и заштита од пожари. Сите добро ги памтиме ужасната несреќа со автобусот на Дурмо и пожарот во Глобал.
Одлуката е евтин ПР со кој потенцијално се загрозуваат човечки животи и се создава ризик од потенцијална материјална штета. Поради тоа и побарав да се симне од дневен ред. Со 23 гласа владејачкото мнозинство ми го отфрли предлогот. Кога дојде на ред да се расправа по точката, ја повторив својата загриженост и ги потенцирав обврските, одговорноста и должноста што ги има секоја институција финансирана од јавни пари. Апелирав да не се усвојува одлуката – џабе. Владејачкото мнозинство глатко си ја усвои.

фото: ФБ

На почеток