Денес, како резултат на успешната соработка меѓу Општина Карпош и здружението на граѓани „Дајте ни крилја“ отворена е нова сензорна соба – ресурсна просторија за учениците со посебни потреби во просториите на ООУ „Димо Хаџи Димов“, во Влае.
Оваа сензорна соба има за цел да го олесни воспитно – образовниот процес на учениците со попреченост, во моментите додека ја следат наставата.
Просторијата е опремена со посебни реквизити, сензорно осветлување, дидактички материјали (играчки, коцки и сложувалки), таблет, телевизор и др.
Градоначалникот Стефан Богоев посочи дека на овој начин се покажува дека е можна вистинска соработка меѓу локалната самоуправа и граѓанските организации.
„Како што напоменав пред неколку денови, нашата цел е 365 дена во годината да водиме грижа за лицата со попреченост и да ги подобруваме условите во кои претстојуваат и се образуваат. Во април склучивме Меморандум за соработка со здружението „Дајте ни крилја“, а денеска ја активираме оваа просторија, која на вистински начин ќе им помогне на учениците со попреченост од ова училиште, рече Богоев.
Пред присутните се обрати и претседателката на здружението „Дајте ни крилја“, Ребека Јанковска Ристески, која во изминатиот период несебично се вложи за создавањето на оваа сензорна соба.
Таа се заблагодари и на сите други општествено одговорни субјекти кои помогнаа во опремувањето на просторијата, меѓу кои е интернационалното училиште „НОВА“ – Скопје, со седиште во Општина Карпош.
Присутните се согласија овој проект за отворање на сензорни соби да продолжи и во иднина. Ваква соба неодамна беше отворена и во ООУ „Јан Амос Коменски“, а следно училиште кое ќе добие ваков тип на просторија, која ќе биде трета по ред, е ООУ „Владо Тасевски“, во Козле.