По улиците на Скопје во изминатиот период на многу релации се вратени старите и дотраени автобуси. Граѓаните се жалат дека во нив нема греење, често пати се расипуваат и патувањето со нив им трае подолго од предвиденото. Од населбата Припор тргнува автобусот со број 24, оние кои секојдневно се возат со оваа линија велат дека многу по често се возат со стари автобуси одколку со новите.
Често по скопските булевари може да се видат слики на паркирани стари автобуси, останати во дефект. Таков еден сними и нашата камера на булеварот Теодосиј Гологанов.
Од јавното сообраќајно претпријатие признаваат дека се чести дефектите и на новите автобуси. Тие велат дека новите автобуси се далеку од нови, иако се набавени пред седум години. Од 200 двокатни автобуси, 20 посто постојано се расипуваат.
„Од 16 панорамски двокатни автобуси, само два се во функција. Останатите воопшто не се во возна состојба. Сегашното раководство на ЈСП Скопје, посочените возила ги затекна (наследи), генерално расклопени. Се ваделе мотори, менувачи, прозорци, шофершајбни, делови од командната табла, кочници, па дури и електрика и столчиња, за да се оспособат дел од затворените двокатни автобуси“, велат од ЈСП.
И од град Скопје потврдуваат дека проблемот со неквалиетните кинески автобуси е причината за враќање на старите автобуси, додека се набават нови 40 чија набавка е во тек.
Пред 2 месеци специјалното јавно обвинителство отвори истрага за набавката на кинеските автобуси “Јутонг”, во кои осомничи четири лица за злоупотреба на службена положба и овластување.