Скопје

Тројца скопјани под истрага за разбојништво

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против три лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривични дела – Разбојништво од член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

На 31 јануари, тројцата осомничени влегле во спортска обложувалница на улица „1613“, покажувајќи пластичен пиштол се заканиле дека ќе нападнат врз животот на еден вработен и одзеле картонска кутија во која имало 32.000 денари во различни апоени. Потоа со возило избегале од местото.

Двајца од осомничените на 1 февруари сториле уште едно разбојништво така што влегле во аптека на булеварот „Видое Смилевски Бато“ и на вработената и се заканиле со пластичен пиштол, барајќи да им ги даде парите од дневниот промет. Вработената го отворила малиот прирачен сеф на наплатното биро, но во него немало пари. Еден од осомничените започнал да се обидува да ја отклучи фиоката на регистер касата со дневен промет, но клучот заглавил и по неколку обиди се скршил. Потоа, тој со физичка сила насилно ја откорнал втората заклучена регистер каса во која имало околу 3.000 денари и двајцата осоничени почнале да бегаат. Но, ги забележале полициски службеници, кои почнале да ги бркаат осомничените. Во моментот кога бил престигнат, еден од осомничените ја фрлил касата кон полицајците, по што бил совладан и лишен од слобода. Другиот осомничен, пак, влегол во влез на една од зградите и го скрил пиштолот во пластичната таванска ламперија на влезот.

За сите тројца осомничени, на возраст од 27, 36 и 26 години, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор. Имено, јавниот обвинител оцени дека постои опасност од бегство, можност да ги уништат трагите и да ја попречуваат постапката со влијание врз сведоците, како и опасност осомничените да го повторат делото.​​

фото: Архива

На почеток