Скопје

Усвоен буџетот на општина Центар за 2021 година

На денешната прес – конференција одржана во салата за состаноци во Општина Центар, градоначалникот Саша Богдановиќ го презентираше Буџетот на Општина Центар за 2021 година и ги најави новите капитални инвестиции кои ќе се реализираат оваа година.

Предлог – буџетот на Општина Центар за 2021 година кој беше предложен и усвоен на 58. седница од страна на Советот на општината, проектиран е основен буџет во износ од 756.100.000,00 денари, за финансирање на сите надлежности на општината и реализација на развојните програми и активности на секторите.

Новите капитални инфраструктурни инвестиции се предвидени за целосна реконструкција на улицата „Орце Николов“ со финансиски износ од 70.000.000,00 денари, каде ќе биде воведен нов сообраќаен режим (кружен тек и пешачки патеки), нов коловоз, тротоари и улично осветлување. Исто така, 80.000.000,00 денари ќе бидат обезбедени од Буџетот на Општина Центар за реконструкција и пренамена на улицата „Мирослав Крлежа“ во пешачка и резиденцијална зона и за комплетна реконструкција на улицата „Аминта Трети“.

Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ ја најави изградбата на новата детска градинка во населбата Пролет, каде што вкупната проектирана вредност на проектот изнесува 90.000.000,00 денари, од кои 30.000.000,00 денари ќе бидат обезбедени во 2021 година за целосно опремување и партерно уредување на градинката на површина од 3000м2. Во програмата за образование ќе биде опфатен и проектот за доградба на училниците во ООУ „Коле Неделковски“ со површина од 500м2 и на тој начин ќе се зголеми капацитетот за нови ученици. За оваа реконструкција која се планира да заврши во 2022 година, обезбедени се вкупно 40.000.000,00 денари за период од две години. Во однос на подобрување на енергетската ефикасност и заштеда на топлинска и електрична енергија ќе бидат реконструирани фасадите во градинката „13 Ноември“ – објект Јасмин и во ООУ „Кочо Рацин“ со вкупен износ од 10.500.000,00 денари, а 10.000.000,00 денари ќе бидат обезбедени за реконструкција на фасади на станбени објекти во Центар.

Со цел да се решат инфраструктурните проблеми на територијата на Општина Центар, обезбедени се 79.500.000,00 денари од Буџетот на Општина Центар за 2021 година за реконструкција на повеќе улици во локалитетите: Крњево, Буњаковец, Дебар Маало, Капиштец, Водно и Маџир Маало како и 10.000.000,00 денари за изградба на нов монтажен паркинг. Планирани се 8.000.000,00 денари финансиски средства од буџетот за модернизација на системот за јавно осветлување и воведување нова ЛЕД технологија, како и 11.900.000, 00 денари за нова урбана опрема, јавно зеленило и одржување на постоечкото на територијата на Центар.

Во план е изградба на три нови детски игралишта во населбите Кале, Маџир маало и Капиштец во во рамки на матичниот објект на ЈУДГ ОЦ „Кочо Рацин“, како и реконструкција на шест детски игралишта на разни локации на територијата на Центар.

Во рамки на зачувување на животната средина, општината ќе обезбеди три нови комунални возила за одржување на јавната хигиена и чистота во Центар со вкупен износ од 18.000.000,00 денари, а 18.650.000,00 денари се планирани за одржување и заштита на локалните патишта, како и 9 милиони денари субвенции за жителите кои ќе се вклучат во процесот на рециклирање во проектот „И отпадот има вредност“.

Останати средства кои се планираат во Буџетот на Општина Центар за 2021 година се предвидени за КК Работнички во износ од 10.000.000,00 денари, за урбанистичко планирање во Општина Центар ќе бидат обезбедени 26.950.000,00 денари, додека пак, 14.500.000,00 денари се планирани за рушење на бесправно изградени објекти во Центар, 3.000.000,000 денари за финансиска поддршка за поправка и санација на постоечки кровни конструкции и лифтови, 1.500.000,00 денари за програмски активности на здруженија и фондации и 2.000.000,00 денари за меѓуопштинска соработка со Град Скопје, за поддршка на новоотворениот стационар Лајка.

Проекти кои што ќе продолжат да се реализираат во Општина Центар и се опфатени во рамки на новиот буџет за 2021 година се: Центар за грижа на возрасните, еднократна помош за новороденчиња и социјално загрозени семејства, стипендии за талентирани ученици и ученици од семејства во социјален ризик, Феникс награда, награди за најдобрите наставници и негувателки, како и обезбедување средства за хигиена и тековно – оперативни трошоци во градинките и основните училишта во Општина Центар.

фото: Општина Центар

На почеток