Осумнаесет нови контејнери за селектирање на стаклената амбалажа денес пристигнаа во Општина Илинден, што оваа локална самоуправа ги добива во рамките на нејзиното учество во Регионалниот проект „Управување со стаклена амбалажа на Западен Балкан”. По тој повод денес свечено беше потпишан и договор за примопредавање на контејнерите од новата транша, меѓу претставник од Германското друштво за интернационална соработка преку Отворен Регионален Фонд за Југоисточна Европа – Модернизација на општински услуги ( ГИЗ ОРФ ММС), градоначалникот на Општина Илинден, Жика Стојановски и директорот на ЈКП Илинден, Игор Филиповски.
Општината во моментов располага со вкупно 38 контејнери за селектирање на стакло, што според експертските анализи, засега е утврдено како оптимална бројка за собирање на овој вид на отпад. Тука се вклучени претходно поставените дваесет контејнери, а од општината се најавува набавување на дополнителни количини.
Целта на Проектот е воспоставување на економски вредносен синџир на рециклирање стакло во регионот. Во таа насока се реализираат низа активности, меѓу кои: поставување на соодветна инфраструктура на контејнери за одложување на стаклото во пилот-општините; спроведување на кампања за едукација на населението за важноста од селектирање на стаклото; зголемување за 20% на собраните количини на стакло, споредено со 2020 година; потоа спроведување на обука за јавните комунални претпријатија и развивање на три бизнис модели за општините (урбан, рурален и ХОРЕКА ) што во следниот период ќе послужат како урнек за успешно управување со отпад од стакло.
-„ Денес потпишавме договор за донација за нови 18 контејнери за селекција на стаклена амбалажа, со што ќе ја воспоставиме предвидената инфраструктура со која ќе им олесниме на нашите граѓаните да го одлагаат овој отпад во непосредната близина на своето место на живеење, во зелените контејнери. Сигурен сум дека тие ќе ни помогнат успешно да го реализираме проектот, да собереме што поголеми количини, а со тоа да ги намалиме дивите депонии и да обезбедиме поздрава животна средина за сите. Правилно собраното стакло, во европски рамки и пошироко веќе не претставува отпад, туку скапоцена суровина. Затоа, како општина која се стекна и со регионалниот сертификат за пријателски ориентирана општина кон бизнис заедницата (БФЦ сертификат) ќе работиме и во насока на создавање а услови за развој на локалната економија во оваа област“. Ова го истакна Жика Стојановски, градоначалник на Општина Илинден, при обиколката на една од локациите во општината на која се поставуваа новите контејнери.
Пред присутните се обрати и директорот на ЈКП Игор, Филиповски, кој посочи дека комуналното претпријатие како нов сопственик на овие контејнерите ќе се грижи за нивно одржување и ќе ги реализира сите потребни активности за исполнување на резултатите од Проектот за создавање на оддржлив бизнис модел за собирање отпад од пакување од стакло во рурална средина.
Фактите се на страната на рециклирањето. Стаклениот отпад се разложува многу бавно и доколку не е соодветно одложен, може да стои на депониите со години. Затоа на рециклирањето се гледа како на многу ефективно решение, бидејќи со рециклирање на само едно стаклено шише, се заштедува доволно енергија за еден компјутер да работи 25 минути или пак една 100-ватна сијалица да свети цели 4 часа. Притоа, рециклажата на стакло заштедува 40% од енергијата која е потребна да се создаде нов стаклен сад.
Проектот „Управување со отпад од пакување од стакло во Западен Балкан “истовремено се спроведува во три држави: Македонија, Србија и Босна и Херцеговина и започна да се реализира во шест пилот –општини, меѓу кои од нашата земја покрај општина Илинден учествува и Општина Штип. ЗЕЛС, во соработка со регионалната канцеларија на Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ ОРФ ММС) е партнер во имплементација на проектот во нашата земја, што е финансиран од Сојузното министерство за економска соработка и развој на Германија (BMZ) и компанијата ПАКОМАК (Македонија), во рамки на програмата за соработка со бизнис секторот DeveloPPP.de. Оваа програма (DeveloPPP.de) на Германското сојузно министерство за соработка и развој е насочена кон градење и развој на соработка меѓу јавниот и приватен сектор на локално ниво.
фото: Општина Илинден