По кратко боледување на 62-годишна возраст, вчера почина новинарот Ристе Недановски, соопштија од Лекарската комора, каде што од 2011 година го уредуваше гласилото на Комората, Vox Medici.
За колегите новинари Недановски ќе остане запаметен како врвен познавач на проблематиката во здравството, социјалната сфера и за пензискиот систем кои доминираа во неговиот богат новинарски опус во дневните весници „Вечер“, каде што ја започна неговата кариера, а подоцна и во „Дневник“ и „Утрински весник“, каде што во целост дојде до израз неговиот потенцијал и длабокото познавање на темите за кои што пишуваше.
Во неговата биографија, која ја споделија од Лекарската комора, стои дека во 1980 г. го запишал Факултетот за интердисциплинарни студии по новинарство при Универзитетот Св. Кирил и Методиј – Скопје. Од 1991 година работи како новинар за здравство во редакцијата на „Вечер“ во НИП „Нова Македонија”, а во 1997 година преминува во редакцијата „Дневник“. Во 1999 стана заменик-уредник на економската рубрика и новинар за здравство во редакцијата „Утрински весник“, а од 2004 е уредник и новинар за здравство во редакацијата „Вечер“.
Автор е и учесник во подготовка на повеќе релевантни меѓународни анализи за состојбите и реформите во здравството.
фото: Социјални мрежи