Изборот за Народен правобранител не е никаква компензација. Јас доброволно прифатив да бидам номиниран за можен кандидат за премиер, но изборните резултати дадоа таква конфигурација и резултатот е тој што е, се знае кој е премиер. Сам се пријавив на огласот за Народен правобранител, Собранието ме избра и од формално – правна гледна точка целата работа се заврши согласно прописите, истакна Насер Зибери, новоизбраниот Народен правобранител, во интервју за Радио Слободна Европа.
Во интервјуто Зибери ги отфрла критиките дека е „правобранител на ДУИ“ и дека тешко дека може да се очекува тој да биде против нивните функционери, кога до вчера бил нивен кадар.
„Законот во ниту една одредба не забранува кандидат кој бил номиниран за можен премиер да нема право да се кандидира за функцијата Народен правобранител. Тоа е прво и второ, Законот за Народен правобранител вели дека Народниот правобранител во вршењето на својата функција, должност и овластување е самостоен и како таков јас ќе бидам во извршувањето на моите надлежности“, вели Зибери.
фото: PRTSC Радио Слободна Европа