Според Светска банка, аерозагадувањето во Македонија “убива“ 1.350 луѓе годишно, a децата се најчувствителната група, затоа што имаат организам во развој и побрзо дишење, а со тоа и побрзо внесување на загадените материи во телото.
– Секое второ болно дете минатата година се лекувало од респираторни болести кои најчесто се директна последица на загадениот воздух. Децата се најпогодени, особено во грејната сезона, кога концентрацијата на цврстите честички е зголемена. Градовите во земјава, како Скопје, Тетово и останатите, котираат високо на листата на најзагадени градови во регионот, па и Европа. Високите концентрации на ПМ 10 честичките достигнуваат и до повеќе од десет пати од дозволеното, потенцираат од Еко-Свест.
Честичките ПМ 10 и ПМ 2,5 се меѓу најопасните загадувачи, кои во голема мера влијаат врз здравјето на луѓето поради нивната способност да навлезат длабоко во белите дробови и крвта, предизвикувајќи трајни ДНК-мутации, срцеви напади, болести на дишните патишта и прерана смрт. Овие загадувачи се формираат кога согоруваат одредени материи како горењето на дрвото во камините или горењето на јаглен во термоцентралите.
Околу 80% од енергијата во светот доаѓа од фосилните горива. Според Светската Здравствена Организација, проблем број еден претставува нивното согорување. Честичките што се испуштаат го загадува воздухот и се примарен причинител за климатските промени, затоа, тие потенцираат нивната употреба да се намали или да се отстрани.
Еко-Свест работи на забрзување на енергетската транзиција заради ублажување на климатските промени преку проектот „Промовирање на енергетска транзиција во С. Македонија” финансиски поддржан од CEE Bankwatch Network, како и во рамките на проектот „Да зборуваме за климатските промени”, спроведуван од Еко-Свест, ЦНВП Македонија и ДЕМ, финансиран од Европска Унија.
фото: Еко Свест