Претседателот на Собранието, Талат Џафери, му ја вратил иницијативата за собирање потписи за одложување на пописот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, затоа што во неа не е користено новото уставно име „Република Северна Македонија“ туку старото „Република Македонија“.
Ваквата информација на социјалните мрежи ја објави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ кој најави дека на седница на Централниот комитет ќе предложи да се почне со собирање граѓански потписи.
„Владиното мнозинство не ја прими граѓанската иницијатива за одложување на пописот кој е очигледен фалсификат. Изговорот е дека не постоела институцијата Собрание на Република Македонија. Кој се плаши и бега од сопствениот народ срамно завршува. На утрешната седница на Централниот комитет ќе предложам да отпочнеме со собирање на граѓански потписи во градовите и селата. Никој не победил народ. Ќе ги имаме потписите од пратениците и потписите на народот“, напиша Мицкоски на Фејсбук.
Тој објави и фотографија од писмениот одговор на Џафери, на која може да се забележи дека е покриен зборот „Севрна“.