Македонија

Левица: Дијабетичарите во критична состојба – нема ленти за мерење на гликемија во крвта

Заради недомаќинското и неодговорно функционирање на министерство за здравство, повторно доведено е во прашање здравјето на пациентите кои имаат синдром на хронична хипергликемија, што настанува како резултат на недоволно ниво на инсулин во крвта. Ова дијабетичарите ги става во критична ситуација, при што се принудени да се снаоѓаат самите за да стигнат до лентите за мерење на шеќер во крвта и истите да ги плаќаат приватно, се вели во соопштението од Левица.

Во продолжение на истото се додава:

Причината за ваквата состојба е доцнењето на тендерот, а пациентите најверојатно до март ќе бидат препуштени сами на себе. Доколку редовно не се контролира гликемијата, кај овие пациенти може да настанат сериозни проблеми. Поради неспособноста на Министерството за здравство, навреме да ги реализираат тендерите, кои патем треба да ги добијат фирмите блиски до власта, страдаат пациентите чекајќи за терапија, која законски им следува бесплатно. Не е прв пат да доцнат испораките за инсулинска терапија, пумпи, апаратчиња, или како што е случај сега, ленти за мерење шеќер во крвта. Финансискиот товар на овие хронични категории на пациенти треба да го сноси државата, а сега товарот го сносуваат пациентите, кои најчесто се со минимални примања.

Претставниците од министерството за здравство, пред да излезат на прес конференции, каде се расфрлаат со флоскули дека се грижат за здравјето на секој граѓанин, нека прошетаат низ ходниците од јавното здравство, за да ја увидат реалноста на терен. Поразителен е фактот што дури околу 70-80% од луѓето со дијабетес умираат од кардио-васкуларни болести.
Дополнителен проблем имаат и дијабетичарите кои земаат фармаколошка терапија преку орални хипогликемици, па за да го контролираат шеќерот во крвта во време на пандемија, приморани се да одат кај матичните лекари за да вршат контрола.

Според последните податоци бројот на заболени од дијабетес во Р. Македонија изнесува 120.000, а неговата преваленца од година во година значително расте наместо да се намалува, или пак да стагнира, што ни укажува на квалитетот на живот којшто еден просечен Македонец може да си го дозволи за себе и за своите блиски.
Сето ова е само уште еден од многуте показатели дека пациентите во реалноста немаат пристап до бесплатни здравствени услуги а дека државата не ги информира дека ги следува бесплатно по закон инсулинска пумпа и ленти за мерење на гликоза.

Време е да се стави крај на нееднаквиот пристап до јавно здравство, затоа што соодветни дијагностички процедури и пристапот кон правилно лекување, не смее да биде привилегија само на богатите и фамилиите на функционерите, туку пристапот до здравствените услуги треба да го има секој еден поединец од оваа држава.

фото: Архива

На почеток