Македонија

Филипче: Со модуларната болница и Велес добива современо опремен инфективен центар

Министерот за здравство д-р Венко Филипче денеска беше во посета на ОБ Велес каде е пуштена во употреба модуларната болница, во која веќе од следната недела ќе почнат да се примаат пацинети. Ова е уште еден од 19-те модуларни центри кои се поставуваат во 16 општини низ државата, со цел зголемување на капацитетите на инфективните одделенија. Модуларниот центар во Велес е со површина од околу 700 м2 и капацитет од најмалку 47 болнички легла. Освен во Велес, досега целосно се завршени девет модуларни центри во Гевгелија, Струмица, Кичево, Струга, Куманово, Гостивар, Штип. До крајот на месецот треба да заврши изведбата и опремувањето на центрите во Охрид, Кавадарци, Битола, Прилеп, Тетово, Дебар, болницата во Козле. Дополнително, во Ресен ќе се почне со изведба на модуларната болница која треба да биде готова во месец март.

-Модуларната болница во Велес е поставена во близина на инфективното одделение за кое се планираше реконструкција но тие планови запреа токму поради ковид кризата. Болница ќе добие најсовремен рентген апарат, кој се користи во современите ургентни центри, како и апарат за ехо дијагностика. Опремата ќе пристигне за некој ден и болничкиот капацитет ќе може да се користи. Со овие апарати може да се врши тријажа – рече Венко Филипче.

Во разговор со директорот на ОБ Велес, д-р Божидар Бојаџиев, министерот истакана дека болницата веќе две години на граѓаните од овој регион им овозможува здравствени услуги од областа на Ортопедијата за што граѓаните не мора да патуваат до Клиниката во Скопје. Министерот рече дека е потребно мало зајакнување во делот на опремата, најави и спојување на ЗД Велес со болницата по пример на друите градови во државата.

-Предноста би била во намалување на администерцијата и административните трошоци во рационализирањето на службата за Итна медицинска помош , како и максимална искористеност на сите возила кои сега припаѓаат на две институции. Секако тоа е бенефит за вработените кои може да дежураат во делот на болницата и дел од лекарите од болницата посебно младите општи лекари да може да работат во Службата за Итна медицинска помош. Тој систем таму каде што го имплементиравме одлично заживеа, дава одлични резултати и сето тоа во интерес на пацинетите – рече министерот.

фото: МЗ

На почеток